Претходна статија
Изградбата на нова термоелектрана во Неготино повторно се актуелизира
Следна статија
Стопанска комора: Градежништвото е двигател на нашата економија

Планови за прва велосипедска врска меѓу два македонски града

Објавено на 28.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Ќе го достигне ли Македонија еден од главните цивилизациски предизвици на денешниот свет? По теркот на развиените европски земји, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот од Охрид ја покрена идејата за велосипедско поврзување на Охрид и Струга. Планот засега е во зародиш, но основните карактеристики за велосипедскиот пат се познати. Меѓуградското поврзување би се реализирало на местото на стариот пат Охрид – Струга, со искористување на една коловозна лента. Велосипедската врска со должина од околу 18 километри физички би се одвоила од коловозот, а идејата подразбира поставување на комплетна сообраќајна сигнализација за велосипедисти.

 

* Велосипедска патека во Нова Горица, Словенија

 

 

Според изјавата на Стефан Димоски од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот за локалните медиуми, за идејата имало голема заинтересираност од велосипедските клубови, туристичките агенции и невладините организации. Самата траса минува низ рамничарски терен, која овозможува лесно движење со обичен велосипед на локалните жители и туристите од двата града. Стариот пат меѓу Охрид и Струга е идеален за развој на меѓуградска велосипедска инфраструктура, од причина што минува покрај веќе постоечки магистрален пат за возила меѓу овие два града. Доколку се реализира проектот, нашата земја за прв пат би добила велосипедска инфраструктура од овој вид.

 

И додека во Македонија се прави пионерски исчекор во оваа насока, западноевропските земји одамна развиваат напредни мрежи на велосипедски патишта помеѓу градовите. Германија во моментов гради автопати за велосипеди во должина од 100 километри. Развојот на велосипедската инфраструктура во Словенија е доделен на Националната агенција за инфраструктура, која ги реализира проектите за изградба на велосипедски врски меѓу градовите. Последен успешен словенечки пример од јануари годинава е отворањето за сообраќај на велосипедскиот пат меѓу Солкан и Плаве во должина од 9,2 километри.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk