Претходна статија
И Валандово сака референдум за идниот рудник во Казандол
Следна статија
Рудникот во Валандово е еколошки безбеден, тврди инвеститорот

Планираната елитна населба во Студенчишко блато исфрлена од ГУП-от

Објавено на 26.04.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По повеќе од три години минати во бројни активности на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ и на еколошките организации, општина Охрид во најновите измени на Генералниот урбанистички план на градот ја исфрли идејата за изградба на елитна населба на местото на Студенчишко блато. Со најновиот предлог на локалните власти, статусот на Урбаниот блок 17.1 се враќа во претходната состојба од ГУП-от за 2006 година, а тоа значи целосно заштитена зона на која не смее ништо да се гради. Во општина Охрид вчера се одржа повторна стручна расправа за предложените измени и дополнувања на ГУП-от.

 

 

Ваквиот чекор од општинските власти доаѓа по издаденото негативно мислење за претходните измени во ГУП-от од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Планот за изградба на луксузна населба во Студенчишкото блато беше најавен уште во 2014 година, за што беше распишан и Конкурс за изработка на архитектонско – урбанистички проект за оваа локација. Идејата на општинските власти беше просторот со површина од 30 хектари да се гради по пат на јавно – приватно партнерство, за што жестоко се спротивставија од иницијатива „Охрид СОС“ и неколку еколошки организации.

 

Невладиниот сектор со доза на резерва ја прими најновата одлука на општинските власти. Од „Охрид СОС“ истакнуваат дека враќањето на стариот статус на Студенчишко блато е привремено решение за оваа локација. Неговата судбина ќе се знае дури по изработката на ревидираната студија. Од граѓанската иницијатива најавуваат дека наредниот месец во Охрид ќе пристигне Јошка Ковен, претседател на здружението на истражувачи на блатни системи на Европа, за да ја согледа состојбата со Студенчишкото блато.