Министерството за труд и социјална политика е во постапка на изведба на нова детска градинка во Куманово. Проектот предвидува пренамена на некогашниот објект на Пионерскиот дом во детска градинка, при што зафатот ќе се реализира во неколку фази. До средината на септември годинава треба да се адаптираат простории во кои ќе се сместат 85 деца. Градинката ќе има три занимални и една група јасли, а во проектот се вложени над 3,5 милиони денари од буџетот на надлежното министерство.
*Извор на фотографија: Министерство за труд и социјална политика
Пионерскиот дом во Куманово е лоциран во самиот центар на градот и истиот претставува напуштен објект во изминава деценија. Во 2018 година е предвидена негова натамошна адаптација, со што во целост би се ставил во функција на згрижување на стотици деца од Куманово. Проектот се реализира во партнерство со Општина Куманово, која треба партерно да го уреди околниот простор. Министерството за труд и социјална политика до крајот на 2017 година планира да отвори 13 нови градинки низ целата земја, во кои ќе се сместат 682 деца.