Со македонските возови минатата година патувале само 853.000 патници, негативен статистички резултат што не е забележан во работењето на Македонски железници уште од 1995 година. Според извештајот на Државниот завод за статистика, во четвртиот квартал од 2013 се превезени 216.000 патници или 6,1% помалку во споредба со идентичниот период од претходната година. Лоши показатели за железницата се констатирани и во товарниот сообраќај. Компаниите со воз транспортирале 581 илјади тони стоки, што е за 0,7% помалку во однос на периодот октомври – декември 2012 година.
Според статистичките податоци до кои дојде „Билд“, бројката на патници превезени со воз во 2013 година е најмала во споредба со сиот останат период од 1995 до 2013 година. Лоши резултати во однос на користењето на услугите на железницата се забележани и во периодот од 2002 до 2005 година, но треба да се напомене дека токму тогаш беа затворени за сообраќај пругите кон Кичево и Кочани. Освен лошите резултати во железничкиот сообраќај, намалување од 7,5% е констатирано и кај товарниот патен превоз во последниот квартал од минатата година.
Сите останати видови на транспорт во земјава бележат раст во текот на 2013 година. Најголемо зголемување има во авиосообраќајот, како во делот на превозот на патници, така и во транспортот на стока. Услугите на македонските аеродроми лани ги искористиле 1.059.588 патници. Само во последните три месеци од минатата година се превезени 227.733 патници или за 14,9% повеќе во споредба со истиот период од 2012 година. Во извештајот на статистика е забележан раст од 3,2% во делот на товарниот воздухопловен сообраќај.
Зголемување на бројот на патници е констатиран патниот и во градско – приградскиот сообраќај. Внатрешниот и меѓународниот автобуски превоз лани го користеле 16.052.000 патници, при што само во периодот октомври – декември 2013 година се избројани 4.250.000 патници односно 2,3% повеќе во споредба со претходната година. Граѓаните пројавиле и поголем интерес за употреба на јавниот превоз, па така во последните три месеци се превезени 20.140.000 патници или за 1,7% повеќе во однос на последниот квартал од 2012 година.