Претходна статија
Со европски пари земјоделците ќе добијат нови системи за наводнување
Следна статија
Објектите од „Скопје 2014“ ќе се бришат од Регистарот на културно наследство

Партиите се испокараа за одложената реконструкција на Универзална сала

Објавено на 20.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Нема пари за долгонајавуваната реконструкција на Универзалната сала во буџетската 2018 година. Градот Скопје и Министерството за култура ќе се обидат да изнајдат финансиски средства за градежниот зафат во 2019 година. Овие информации викендов ги соопшти скопскиот градоначалник Петре Шилегов, по што политичките партии денес реагираа на ваквите најави. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа планираните 8 милиони евра за рушење на галиите од коритото на реката Вардар да се пренаменат за реконструкција на Универзална сала.

 

„Со 8-те милиони евра кои Шилегов ќе ги даде за рушење на галиите, ќе може 2 пати да ја реконструира Универзалната сала, за која веќе има подготвен проект од Градежниот институт ‘Македонија’. Инаку, средствата за отпочнување на етапна реконструкција беа обезбедени и претходно со Буџетот во 2017 година, но СДСМ со ребалансот ги укина“ изјави Ирена Попова, советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје.

 

 

Од владејачката СДСМ преку објавеното соопштение реагираат дека ВМРО-ДПМНЕ имала 11 години за да го реконструира објектот на Универзалната сала. „Но, наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ потроши стотици милиони евра пари на граѓаните за лажен барок, гипс-картон, споменици и инсталации во коритото на реката Вардар, со што освен што криминално и расипнички ги потроши парите на граѓаните, ја доведе во прашање и безбедноста на Град Скопје и неговите граѓани“ велат од СДСМ.

 

Додека политичките партии се препукуваат, Универзалната сала веќе трета година зјае како неискористен простор во центарот на Скопје. Ова здание има исклучително значење за поновата историја на постземјотресно Скопје, поаѓајќи од фактот што тоа е главниот симбол на меѓународната солидарност што целиот свет ја прикажа кон Скопје. Универзалната сала е изградена со финансиска помош на 35 земји од целиот свет, а изведена е по проект изработен од бугарските архитекти. Објектот е пуштен во употреба на 1 јануари 1966 година.