Македонската влада ќе потроши нови 26,7 милиони денари за довршување на „барокната“ палата „Емануел Чучков“ лоцирана на местото на некогашниот Геолошки завод. Двата склучени договора се однесуваат на изведба на непредвидени работи на објектот, како и за партерно уредување на околниот простор. За изведувачи на работите се избрани фирмите „Бауер БГ“ и „Промонтинг“ од Скопје. Со најновите договори, вредноста на „барокната“ зграда на Бихаќка нарасна на 458 милиони денари, односно над 7,4 милиони евра платени од државниот буџет.
Административниот објект започна да се гради кон средината на јули 2014 година. Палатата „Емануел Чучков“ има површина од околу 7.000 метри квадратни, во чии рамки ќе се сместат Државниот завод за ревизија, помал дел од Геолошкиот завод, а дуќаните во приземјето ќе бидат во сопственост на Акционерското друштво за станбен и деловен простор (АДСДП). Поранешниот премиер Никола Груевски, за време на поставувањето на камен-темелникот, го опиша овој објект како уникатно архитектонско здание што ќе даде нова естетска убавина на македонската метропола. Автор на идејното решение е архитект Жарко Чаушевски, додека проектната документација ја подготви „Архитектоника“. Фирмата „Бауер БГ“ е изведувач на градежните работи.
» Форумска дискусија за овој проект
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk