Иако вкупниот број на издадени одобренија за градење е намален, македонскиот пазар на недвижности наскоро треба да очекува нов зголемен прилив на станбен простор. Информациите од Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на предвидени станови за градење во текот на ноември 2012 година е заокружен на 647, со вкупна корисна површина од 51.958 метри квадратни, што претставува пораст од дури 30,4% во однос на бројот на станбени единици и зголемување од 18,7% кај нивната корисна површина во споредба со истиот период од 2011 година. Од нив, инвестирањето во 456 станови е иницирано од физички лица, додека деловните субјекти добиле градежни дозволи за изградба на 191 станови.
Идентично на досегашната градителска пракса во Македонија, на пазарот најмногу ќе се пласираат двособни и трисобни станови, чија вкупна бројка во статистичкиот извештај изнесува 477. Најголем интерес за вложување во изградба на живеалишта во текот на ноември имало во скопскиот (279), југозападниот (154) и полошкиот регион (130). Општините Охрид, Гостивар и Карпош предничат во однос на бројот на предвидени станови за градба во претстојниот период. По двомесечниот пад на издадените одобренија за градење, исходот од ноември 2012 година покажува повторен раст кај изградбата на овој вид недвижности.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во претпоследниот месец од 2012 година се издадени 232 одобренија за градење што е за 3,3% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Планираната вредност на објектите изнесува 2.847.943.000 денари (46,3 милиони евра) или за 4,4% помалку во однос на ноември 2011 година. Од вкупниот број на градежни дозволи, 177 (76,3%) се наменети за објекти од високоградба, 18 (7,8%) за објекти од нискоградба и 37 (15,9%) за реконструкција на објекти. Од 232 објекти што се предвидени за градење, за 172 (74,1%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 60 градби (25,9%) инвеститори се деловни субјекти.