Патувањето со воз, авион или автобус меѓу балканските главни градови претставува лош потег поради ужасната поврзаност на балканските метрополи.
Според важечкиот возен ред, единствената железничка поврзаност на Скопје е со Белград, Приштина и Солун. Иако најавени со возниот ред за 2010 година, курсните вагони за Сараево и Љубљана воопшто не сообраќаат од Скопје, па поради тоа е неопходно преместување во друг воз за пристигнување во главните градови на БиХ, Хрватска и Словенија. Главниот град на Република Македонија не е поврзан со воз ниту со Тирана и Софија поради неизградениот Коридор 8, а недостига и железничка врска со Атина и Истанбул. За патување кон главниот град на Грција и најголемиот европски град потребно е да се промени воз на железничката станица во Солун.
Слично на железничкиот сообраќај, патувањето со авион е оневозможено кон градовите Сараево, Букурешт и Тирана. За патување кон овие градови со авион е потребно да промените авион на некој од аеродромите во поголемите балкански градови.
Најкритична е поврзаност на Скопје со главните градови на Грција и БиХ. Од Скопје не е воспоставен железнички, авионски и автобуски сообраќај кон Атина, а единствената врска е возот за Солун и преместување во друг воз на железничката станица во Солун. Неодамна е укината и авионската линија Сараево – Скопје – Сараево, не сообраќа воз на релацијата Скопје – Сараево, а единствената врска со главниот град на БиХ е автобуската линија која функционира само еднаш во неделата.
Катастрофалната поврзаност на Скопје со останатите балкански метрополи не претставува исклучок. Албанија е целосно железнички изолирана, а не постои ниту железничка врска помеѓу Хрватска и Црна Гора. По речиси две децении, оваа година се возобнови железничкиот сообраќај помеѓу Белград и Сараево, а единствената поврзаност на Атина со европските градови е експресниот воз „Романија“ кој сообраќа на релацијата Букурешт – Софија – Атина.
Ужасната поврзаност на балканските главни градови е пречка за патување на граѓаните од балканските држави. Остварувањето на приходи од туризмот, вложувањето на нови инвестиции во државите и идејата за Балкан без граници е невозможно да се оствари без редовен и чест железнички, авионски и автобуски сообраќај. Посебна потешкотија се јавува кај странските туристи желни да го истражат Балканскиот полуостров кои не се навикнати на неколкукратни преместувања во возови и авиони за да се стигне до посакуваната дестинација.
Бојан Блажевски