Претходна статија
Камен темелник за „Skopje City Mall“
Следна статија
ЕБОР ќе кредитира изградба на седум мали хидроелектрани

ОСВРТ: Транспортно ѓубре крстосува по македонските патишта

Објавено на 22.12.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Камиони, автобуси и автомобили стари по неколку децении крстосуваат по македонските патишта. Возила  купени на старо или одамна застарени со поминати десетици илјади километри и недостиг од резервни делови се редовен декор на улиците низ земјава.


На неодамнешната распределба на ЦЕМТ дозволите за меѓународен транспорт во патничкиот сообраќај се слушнаа бројни негодувања од сопствениците на камиони. На министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски му се пожалија поради намалениот број на ЦЕМТ дозволи за камионите со ЕУРО 3 мотори. Сепак, никој од камионџиите не призна дека главната причина за намалениот број на ЦЕМТ дозволи за транспорт во европските земји се стари возила на македонските превозници. Дотраените превозни средства не ги задоволуваат највисоките европски стандарди за заштита на животната средина и безбедност. И покрај тоа, во Македонија истите камиони можат да сообраќаат по патиштата, иако неретко се причинители на тешки сообраќајни несреќи.


Европското ѓубре го собравме и во сферата на автобускиот превоз низ градовите. Приватните превозници во градот Скопје и низ градовите на внатрешноста се решија да ги заменат автобусите стари половина век со „нови“ половни возила стари по десетина година. За трагедијата да биде поголема, оваа постапка никој од надлежните градски власти не ја побара, а дел од приватните превозници се решија и да ги зачуваат автобусите стари половина век. Последица од тоа е показателот дека денешно Скопје има најдотраен автобуски превоз во европски рамки.


Конечно, и прастарите автомобили доминираат по македонските патишта и тоа од старите југовци и фиќа, преку источногерманските Трабант и Варбург па се до автомобилите со ЕУРО 1 мотори. Многу од нив одамна се исфрлени од употреба во европските држави, поради ризикот од зголемено загадување на воздухот.


Најголемата опасност од половните возила е нивната амортизираност.  Десетиците илјади поминати километри придружени од недостатокот на резервни делови се главна опасност за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици. На Македонија дефинитивно и недостига национална кампања за исфрлање на транспортното ѓубре од македонските патишта.



И ЈСП со дотраен возен парк

Просечната старост на целокупниот возен парк во ЈСП-Скопје изнесува 19,19 години. Најстари се двојните автобуси со 20,25 години старост, додека минибусите низ градските улици крстосувале „само“ 9 и пол години. Доколку ги исклучиме туристичките автобуси, вкупната старост на автобусите во линискиот превоз изнесува 19,28 години.


Старите автомобили главни загадувачи

Старите автомобили учествуваат во 2/3 од вкупното загадување на воздухот од страна на возилата. Најголеми непријатели на животната средина се возилата произведени пред 1996 година. Инаку и самите автомобили учествуваат како мнозински загадувачи на воздухот со јаглероден диоксид пред авионскиот и железничкиот сообраќај.


Намалено купувањето на нови автомобили

Македонските граѓани не се заинтересирани за промена на дотраените возила со нови и безбедни автомобили. Имено, бројот на продадени автомобили во првата половина од 2010 година е намален за 30% во однос на 2009 година. Главните причини лежат во економската криза и увозот на половни моторни возила од странство.


Огромен број на сообраќајни несреќи

Старите возила неретко се причинители на тешки сообраќајни незгоди со човечки жртви. Во првото тромесечие од 2010 година на подрачјето на град Скопје се случиле 1057 сообраќајни несреќи, што е намалување во однос на 2009 година кога се случиле 1826 незгоди. Сепак, лидер во бројот на сообраќајки се првите првите девет месеци од 2009 година кога се предизвикале 3247 сообраќајки или преку 300 повеќе во однос на 2008 година, стои во Извештајот од одбележувањето на Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи.



Бојан Блажевски