Претходна статија
Пречистителна станица за заштита на Треска
Следна статија
Стартува преобразбата на битолската касарна

ОСВРТ: Малкуте патишта многу споро ги градиме

Објавено на 15.02.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Доколку конкурираме, веројатно е дека Република Македонија би победила во натпреварот за Гинисовиот рекорд на спорост во изградба на патиштата. И тоа малку што го градиме во патната инфраструктура е нереално бавно во споредба со меѓународните искуства од оваа област. Во насока на потврда на ваквата теза се бројните примери од секојдневнието во однос на градежните работи на патиштата.

 

 

Доцни изградбата на автопатот Куманово – Табановце

 

Куманово - ТабановцеНа 20 септември 2008 година започна изградбата на 7,5 километри долгиот автопат на делницата Куманово – Табановце со свечено поставување на камен – темелник.  Првичниот рок за завршување на работите беше година и пол дена, при што целокупната надградба на оваа делница требаше да биде завршена до почетокот на 2010 година. Изградбата на 7,5 километри долгиот автопат, иако за многумина експерти неразумно бавно проектирана во однос на малата должина во километри, сепак се оддолжи за речиси цела година. На почетокот од новата 2011 година сеуште нема никакви најави за скорешно завршување на градежните активности на оваа делница.

 

 

Скопската обиколница ги урна сите рокови

 

Северна скопска обиколницаСлична беше состојбата и со изградбата на обиколницата околу Скопје. Официјалното започнување на изградбата започна во август 2002 година, а нејзиното завршување беше предвидено за крајот на 2005 година. Две години подоцна, градежните компании – изведувачи на обиколницата, ветија дека изградбата на скопската обиколница ќе биде завршена во јуни 2008 година. Во почетокот на 2009 година пристигнаа нови ветувања за целосна изградба на автопатот до април 2009 година, но и новопоставените рокови се прекршија. Конечно, на 22 јуни 2009 година беше пуштена во употреба обиколницата околу Скопје, во должина од 25 километри, за чие градење беа потребни цели седум години со пробивање на првичните планови за завршување на работите од дури четири години.

 

 

Автопатот Демир Капија – Смоквица руши негативни рекорди

 

Делницата Демир Капија – Смоквица е дел од нереализираните проекти на неколку влади наназад. Долго ветуваниот автопат во должина од 26,8 километри се планираше да започне со градба во средината на 2008 година и финансиската конструкција на истиот требаше да биде во вкупна вредност од 155 милиони евра. Во меѓувреме, грчката влада ги повлече средствата за изградба на истиот.  Три години подоцна сеуште не се знае датумот за почеток на работите на автопатот Демир Капија – Смоквица, во моментов се чека на финансиски средства од европските фондови, а крајниот рок на изградба никој не сака ниту да го прогнозира со оглед на теренот на кој треба да се гради оваа делница.

 

 

Почни, па прекини со патот Струмица – Радовиш

 

Радовиш - СтрумицаСо брза изградба не може да се пофали ниту патот Струмица – Радовиш. Неговата изградба беше ветувана уште во 2006 година од страна на претходната влада, но до денес градежните работи не се завршени. Сплетките околу тендерот и жалбите до второстепени комисии во 2007 година ја одолжија изградбата, па така во планот на владата за 2008 година беа одвоени 4,8 милиони евра за завршување на оваа делница. Планот за отпочнување и завршување на 10 километри долгиот пат се одолговлекуваа од година во година, а последното ветување од Агенцијата за државни патишта е дека моменталните активности за изградба на патот ќе бидат целосно завршени во 2011 година.

 

Горенаведените примери укажуваат единствено на летаргијата и незаинтересираноста на македонската држава во однос на развојот на патната мрежа. Единствена заедничка карактеристика на сите овие патни правци е спората изградба на истите и префрлањето на крајните рокови и финансиски средства од една во друга календарска година. За разлика од развиените држави, во Република Македонија изградбата на патиштата не се мери во евра за изграден километар, туку во поминати години за завршување на истиот.

 

 

Бојан Блажевски