Претходна статија
Летото останува омилен период на општинарите за носење нови урбанистички планови
Следна статија
Крива Паланка со нова општинска зграда

ОСВРТ: Јавен велосипедски систем сеуште не постои во Скопје

Објавено на 17.07.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Веќе една година функционира проектот „Скопје изнајми велосипед“, а сеуште не постојат видливи ефекти во растоварувањето на патниот сообраќај во главниот град. До каде е стигнат проектот и кои се идните планови, какви се досегашните резултати и какви се искуствата од соседните главни градови?

 

Најновата информација за овој проект е дека претпријатието „Градски паркинг“ наскоро ќе пушти во употреба 45 нови велосипеди и 2 нови пункта за изнајмување велосипеди кај стоковната куќа „Илинден“ и под Транспортниот центар, со што скопјани ова лето ќе имаат на располагање 110 велосипеди кои ќе се изнајмуваат на 5 пунктови. За жал, градските власти сеуште не ја реализирале кинеската донација од 10.000 евра за купување велосипеди доделена во ноември минатата година. Со реализацијата на оваа инвестиција бројот на велосипеди за изнајмување би можел да се искачи до 200.

 

 

 

Скопје е еден од првите главни градови на Балканот кој успеа да го отпочне проектот за изнајмување на велосипеди. Во април минатата година во Белград отпочна проектот „Циклирање“ на Иницијативата за оддржлива урбана мобилност и градот Белград. Пилот – проектот предвидува инвестиција од 350.000 евра за купување на 500 велосипеди поставени на 70 паркиралишта. Чекор напред кај овој план е автоматскиот систем на паркиралишта кој овозможува плаќање со кредитна картичка, мобилен телефон или со смарт – картичка за изнајмување на велосипедот по примерот на поголемите европски градови. За жал, белградскиот модел на јавен велосипедски превоз сеуште не профункционира во сиот сјај, освен почетната иницијатива на невладините организации стара една година.

 

 

 

Слично на Белград, во Загреб уште од 2008 година постои проект за воведување на јавен велосипедски систем преку изнајмување на велосипеди на 10 пунктови. Тогашната идеја не профункционира во јавен велосипедски систем, па така минатата година повторно се актуелизираше проектот преку организацијата „Цивитас – елан“. Планирано е велосипедите да се изнајмуваат преку напредна технологија со користење на смарт – картички за плаќање, пунктовите да бидат сместени на секои 300 до 400 метри, а како партнери во проектот да се вклучат Јавното сообраќајно претпријатие од Загреб и Хрватските железници.

 

 

 

За разлика од Скопје, Белград и Загреб, Љубљана е главниот град кој успеа да го спроведе проектот за јавен велосипедски систем, каде се воведоа и законски мерки за велосипедистите идентични на оние за учесниците во останатиот патен сообраќај. „Бицикељ“ системот нуди 300 велосипеди за изнајмување на 31 пункт, секој поставен на растојание од 300 до 500 метри во градското подрачје на Љубљана со работно време од 6 до 22 часот. И во Љубљана плаќањето се врши преку автоматски систем со користење на смарт – картичка.

 

 

 

Искуствата од соседните балкански градови, но и од европските метрополи укажуваат дека системот за изнајмување на велосипеди во Скопје треба да се менува во насока на негова автоматизација. Пунктовите кои овозможуваат електронско изнајмување и враќање на велосипедите ја даваат можноста истите да се постават на голем број места на најфрекфентните локации во градското подрачје, за разлика од системот во Скопје кој е силно сврзан со малубројните постоечки паркинзи на претпријатието Градски паркинг.

 

Освен избраниот модел, голем проблем со велосипедите за изнајмување во Скопје е начинот на нивна употреба од страна на граѓаните. Во брошурата „Градови и велосипеди“, која произлезе од минатогодишната работница на фестивалот „Велофест“, се укажува дека рекреативното користење на велосипедот низ околината на Скопје е најзастапено денес. Патеката покрај Вардар, покрај железничката пруга во Кисела Вода и оние во градскиот парк се најмногу користени од страна на граѓаните, па оттука интересот за изнајмување велосипеди кај скопјани е насочен најчесто за рекреација по овие патеки.

 

За разлика од рекреативното користење на велосипедите во Скопје, целта на соседните балкански градови е велосипедот да постане дел од системот на јавниот превоз во градот, со кој на граѓаните ќе им се овозможи нов вид на јавен сообраќај покрај автобусите, трамваите и железницата. Постојат повеќе причини за појавата на овој проблем во Скопје. Основната причина лежи во 40 – тината километри велосипедска патека изградена досега во главниот град. При градењето на нови булевари и проширување на постојните неретко е изоставена изградбата на велосипедска патека покрај булеварот, а онаму каде што постојат истите се окупирани од автомобилите и од пешаците. Градот Скопје треба да се ангажира најпрвин за целосно обележување на постоечките патеки и нивна реконструкција, а потоа и за изградба на нови патеки онаму каде што е потребно. Изградбата на велосипедска патека на булеварот Св. Климент Охридски во центарот на градот би бил позитивен пример во таа насока.

 

За разлика од Скопје, во главниот град на Хрватска постои 150 километри долга мрежа на велосипедски патеки, додека во Љубљана велосипедските патеки се долги 120 километри. Најблиску до Скопје е Белград со околу 70 километри изградени велосипедски стази, но планот на градските власти во Белград е истата да се прошири на најмалку 200 километри до 2021 година. Скопје во моментов нема план за тоа колку, каде и до кога ќе треба да се изгради нова инфраструктура за велосипедистите.

 

Дополнителна причина зошто во Скопје сеуште не постои јавен велосипедски систем е непостоењето на мерки кои би ги отргнале граѓаните од користење автомобили. Последната мерка за зголемување на цената на такси – превозот во Скопје доведе до поголема употреба на јавниот автобуски превоз во градот. Поголемата цената на такси – превозот, но и позначителното зголемување на цената за паркирање во строгиот центар на градот се само дел од мерките кои би ги насочиле граѓаните на изнајмување велосипеди. Како и да е, искуствата од европските метрополи и проектите на соседните балкански градови се добра насока за тоа како треба да се изгради јавен велосипедски систем во Скопје. Сегашниот проект треба да се надгради во согласно со позитивните примери од другите градови, за Скопје да добие ефикасна алтернатива на постоечкиот јавен автобуски превоз.

 

 

И на малкуте велосипедски патеки во Скопје, велосипедистите се среќаваат со голем број препреки:

 

 

 

 

 

 

 

Бојан Блажевски