Македонските аеродроми уште подолг временски период ќе бидат надвор од мапата на нискобуџетните авиокомпании. Дотогаш, најблиски градови на Балканскиот полуостров со значителен број на евтини летови кон поголемите европски метрополи ќе бидат: Темишвар, Клуж и Букурешт во Романија, Белград во Србија , Приштина во Косово и Софија во Бугарија.
Темишвар e трет град по големина во Романија, сместен на самата граница со Србија. Аеродромот во Темишвар е домаќин на 10 летови на компанијата Wizzair кон Париз, Дортмунд, Болоња, Милано, Рим, Венеција, Барселона, Мадрид, Валенсија и Лондон. Цените на авиобилетите со вклучени такси започнуваат од 7,5 евра за Болоња, 12,5 евра за Венеција, Рим и Милано, 19 евра за Лондон, 22,5 евра за Париз и Дортмунд, 32,5 евра за Валенсија и Барселона до 42,5 евра за билет до Мадрид.
Клуж е четврти град по големина во Романија, сместен во северниот дел од земјата како центар на областа Трансилванија. Аеродромот во Клуж е домаќин на 17 летови на компанијата Wizzair, како и на Луфтханза, Малев, Карпатер и на Таром. Цената на авиобилетите со вклучени аеродромски такси започнуваат од 7,5 евра за Пиза и Болоња, 12,5 евра за Венеција, Милано и Торино и 22,5 евра за Сарагоса, Дортмунд и Париз.
Букурешт како главен град на Романија има два аеродроми и неколку нискобуџетни авиокомпании што летаат од овој град. Романската Blueair нуди летови од 15 евра за авиобилети со вклучени аеродромски такси до Болоња, 20 евра за Лондон, Мадрид и Даблин, 40 евра за Барселона и Париз бројни други дестинации. Wizzair го поврзува Букурешт со 20 европски градови, за цена од 7,5 до 32,5 евра со вклучени аеродромски такси. Од главниот град на Романија Germanwings нуди евтини авиобилети за Берлин, Минхен, Лајпциг, Дортмунд, Дизелдорд… по цена од 40 евра со вклучени аеродромски такси.
Сепак, Белград, Софија, Приштина и Солун се најблиските центри на евтини авиобилети за македонските граѓани. Се разбира, врските со авион, воз и автобус помеѓу овие балкански градови се катастрофални. Неможноста за резервација преку интернет, доцнењата на линиите и фиксните цени за билетите се главните недостатоци што ги погодуваат македонските граѓани.
Wizzair нуди авионски билети од Белград за 9 европски градови, со цени кои започнуваат од 17,5 евра за Дортмунд и Рим до 32,5 евра за Брисел со вклучени аеродромски такси. Germanwings нудат евтини авионски летови од Белград кон Келн и Штудгарт за 40 евра со вклучени такси.
Сепак, главниот град на Бугарија е дестинација која нуди најголем број евтини авионски линии кон европските дестинации. Истовремено, Софија е најблискиот град за евтини летови на македонските граѓани. Wizzair, AirBerlin, Germanwings, EasyJet се дел од авиокомпаниите кои нудат билети од 7,5 евра во еден правец кон бројни европски метрополи.
Дури и Приштина е поврзана со нискобуџетната компанија Easyjet со Базел и Женева со цени од 27 евра со вклучени аеродромски такси во зависност од периодот на патување. И германската нискобуџетна компанија AirBerlin лета од Приштина кон Женева, Цирих, Минхен, Франкфурт, Дизелдорф и Хамбург.
За жал, ниту една од овие нискобуџетни компании не лета кон Скопје и Охрид. Македонија ја нема како дестинација на ниту една компанија, во моменти кога македонските граѓани плаќаат двојно и тројно поскапи авиобилети на авиокомпании, кои нудат услови еквивалентни па дури и полоши од оние на нискобуџетните авиокомпании.
Бојан Блажевски