Некогашни и денешни студенти, професори и негови колеги, денеска му оддадоа почит на доајенот на македонската архитектура Славко Брезоски. На комеморативната седница одржана на Архитектонскиот факултет во Скопје за неговото врвно архитектонско творештво говореа професорите Минас Бакалчев, Мартин Гулевски, Михајло Волкановски, Анета Христова и Митко Хаџи-Пуља. Поранешните ученици од клупите на Архитектонскиот факултет се присетија на неговата скромност како човечка особина, но и на исклучителната трага што ќе ја остави Славко Брезоски во севкупниот развој на независната архитектонска мисла на земјава по Втората светска војна.
Професорката Анета Христова во своето обраќање се задржа на актуелниот третман на творештвото на Славко Брезоски во земјава. „На својата 94-годишна возраст храбро и одважно како што ја градеше, застана да ја одбрани својата архитектура, заснована на јасните и цврсти принципи на модернизмот, којшто сè уште ја поседува најбогатата дидактичка хипотека на проектантските хипотези кои се релевантни за кој било архитектонски дискурс“ посочи Христова.
Академик Крум Томовски во книгата „Архитектурата на почвата на Македонија од средината на XIX до крајот на XX век“ ќе одвои посебна глава за архитект Славко Брезоски. „Веќе во првите реализирани општествени објекти при крајот на педесеттите години („Комунално-комерцијална банка“ во Скопје (1954-56) „Стоковна куќа“ во Скопје (1960), „Работнички дом“ во Скопје (1958-62) Брезоски се претставува како зрел „модернист“, со објекти што ја потврдуваат неговата доктринарна ориентација“ ќе напише Крум Томовски.
Михаил Токарев ќе даде особен осврт на Славко Брезоски како припадник на првата повоена генерација на македонски архитекти. „Модерната интерпретација на традиционалните тремови, еркери и чардаци, јасно е видлива кај станбено-деловниот блок во Велес (1953) и седиштето на Комуналната банка во Скопје (1954). Со следење на меката конвексно закривена линија на улицата, и двата објекта ненаметливо ги продолжуваат порано започнатите архитектонско-урбанистички потези. На сличен начин Славко Брезоски настапува и на конкурсниот проект за Стоковната куќа во центарот на Скопје (1954), споделувајќи ја првата награда на повикан конкурс“ вели Михаил Токарев во неговиот труд.
Како своевидна иронија на историјата, архитект Славко Брезоски по неколку децении доживеа да се соочи со противречност токму во случајот со третманот на стоковната куќа „Нама“ – почитта кон претходното творештво на други автори да не биде возвратено и применето врз неговото творештво од страна на помладите колеги. Во едно од своите последни интервјуа, архитект Славко Брезоски ќе изрази особена приврзаност за овој објект од плоштадот „Македонија“, посочувајќи дека ја имал честа да го продолжи делото на неговиот учител – познатиот белградски архитект Милан Злоковиќ.
„Јас направив некои лични обиди да ја спречам оваа вандализација преку контакти во Белград со синот на архитект Злоковиќ (автор на соседната зграда, своевидна легенда и мој професор од Белград) и контакти со Агенција за авторски права меѓутоа како што гледате не успеав да организирам еден ефективен фронт“ ќе изјави Славко Брезоски во своето интервју од јуни 2016 година.
Богатиот опус на архитект Славко Брезоски е исклучително важен за развојот на пост-земјотресно Скопје. Творејќи рамо до рамо со најзначајните архитекти од поранешна Југославија и од целиот свет, тој ќе учествува на Меѓународниот конкурс за избор на урбанистички план за центарот на Скопје по земјотресот од 1963 година. Михаил Токарев за неговото мајсторско творештво ќе напише: „Тој е еден од осумтемина повикани автори заедно со проектантскиот тим на Македонија проект да учествува на конкурсот за Урбанистички план за централното градско подрачје на Скопје (1965). Во концепцијата на овој план, направена е една своевидна интерпретација на композицијата на Капитолот на Бразилија“.
Архитект Славко Брезоски е добитник на повеќе први награди на домашни и меѓународни архитектонски конкурси. Носител е на наградите „11 Октомври“ на Република Македонија, „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата за животно дело и за особени достигнувања од областа на архитектурата и на градителството „Андреја Дамјанов“ и признание за исклучителен придонес во развојот на инженерската струка во Република Македонија од Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Република Македонија.