Претходна статија
Железницата превезла повеќе патници и стока на почетокот од 2018 година
Следна статија
Заврши реконструкцијата на улицата „Александар Урдаревски“ во Бутел

Осум граѓански иницијативи против изградбата на магистрален гасовод на Водно

Објавено на 28.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Граѓанските активисти ќе се борат со сите расположливи средства против изградбата на гасоводот во парк – шумата Водно доколку владата и Македонски енергетски ресурси (МЕР) не изберат алтернативна траса за изведба на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар. Од осумте граѓански иницијативи реагираат дека трасата што минува низ Водно била избрана поради фактот што бара минимална експропријација на земјиште. Тие посочуваат дека идниот магистрален гасовод започнува во селото Сопиште, со траса што минува кон врвот на Водно и се спушта кон селото Шишево во Сарај. Трасата низ Водно е долга 11 километри и притоа би минала низ над 4 километри високостеблеста шума.

 

 

И покрај тоа што се водени разговори со владини советници, државната енергетска компанија и изведувачи и проектанти на гасоводот, од граѓанската иницијатива бараат итно да се избере алтернативна траса по која би минувал овој инфраструктурен објект. „Владата само за оваа година планира да потроши околу 6 милиони евра за решавање на имотно – правните односи на овој дел од гасоводот, делница 5. Што значи стопирањето на гасоводот низ Водно и одобрување на алтернативната траса за тој потег, не е главната пречка за изградба на гасоводот до Тетово и Гостивар“ посочуваат осум граѓански иницијативи потпишани во испратеното писмо до јавноста.

 

Потписници на ова писмо се граѓанските иницијативи: Го сакам Водно, 02 коалиција, Зелено Тафталиџе, Стоп на загадувањето, ЕкоКарпош 3,2,1, Спас за Водно, Ние сме Карпош 4, Скопје смог аларм и Сакаме Аеродром да дише.

 

Магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар се гради втора година по ред. За трасата во должина од 76 километри се издвоени околу 28 милиони евра. Градежните работи на терен ги изведува конзорциум предводен од фирмата „Рапид Билд“, додека крајниот рок за завршување на работите е почетокот на 2019 година.