Заситеноста на пазарот на недвижности со новоизградени станови ја намалува изведбата на станбени згради во земјава. Според податоците на Државниот завод за статистика, македонските општини во јуни годинава издале одобренија за изградба на 554 станови, со вкупна корисна површина од 41.505 метри квадратни. Споредено со идентичниот период лани, бројката на предвидени станови за градење е намалена за 40,2%, додека квадратурата на идните живеалишта опаднала за 39,3%.
Деловните субјекти ја започнале постапката за изградба на 453 станови со површина од 27.350 метри квадратни, додека во останатите домови ќе инвестираат физичките лица. Статистичарите пресметале дека нема поместување кај интересот за овој вид недвижности во делот на квадратурата – најмногу ќе се градат двособни (240) и трисобни станови (182). Скопскиот регион останува традиционално најинтересен за изградба на нови станови, така што во јуни 2018 година биле издадени одобренија за изградба на 381 стан. На ниво на општини, најмногу станови за изведба во овој месец биле предвидени во Општина Аеродром – вкупно 149.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во јуни 2018 година се издадени 205 одобренија за градење, што е за 10,9% помалку во однос на истиот период од минатата година. Предвидената вредност на објектите изнесува 2.945.737 илјади денари, што е за 22,6% помалку во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 117 (57,1%) се наменети за објекти од високоградба, 45 (21,9%) за објекти од нискоградба и 43 (21%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 205 објекти, на 115 (56,1%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 90 (43,9%) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk