Архитектонскиот труд на авторите Филип Конески, Борко Георгиев и Иво Ѓорѓиев победи на Конкурсот на избор на идејно решение за ресторанот „Езерце“, кој е предвидено да се гради на постоечките руини во Градскиот парк во Скопје. Во конкуренција на 25 идејни решенија, одбрана е солуцијата за реализација на две залепени школки, со која се предвидува изведба на ѕид од стакло што ќе овозможи комуникација на посетителите со паркот. Објектот треба да биде потонат во земја за да дојде до нивото на езерцето. Жири комисијата одлучи дека идејното решение ги почитува постоечките структури, како што се дел од железничката станица, познатото вовче Ќиро и дел од некогашниот летен шанк. Идентично како и за изборот на идејно решение за основното училиште во Капиштец, општина Центар ќе организира изложба на која граѓаните ќе може да се запознаат со сите пристигнати трудови на конкурсот.
„Сега работата е во рацете на комисијата за јавни набавки од општина Центар која треба да изработи тендерска документација за склучување договор за основен проект со првонаградениот“, се нагласува во денешното соопштение од локалната самоуправа. Во меѓувреме, треба да се донесе одлука за тоа кој ќе го гради угостителскиот објект на атрактивната локација – дали во истиот ќе инвестира општината или пак ќе се бара приватен партнер. Градежната парцела со големина од 1.046 метри квадратни е во сопственост на општина Центар. Во согласност со урбанистичкиот план, на локацијата ќе може да се изгради ресторан со површина од 470 метри квадратни.