Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски денес ја презентираше новата термичка фасада на станбениот објект на улицата Јуриј Гагарин, која е прва од трите кули што е предвидено да се реконструираат во истиот ред на оваа улица. „Одлучивме да започнеме со реконструкција на фасадите на зградите долж булеварот Теодосиј Гологанов, од левата страна, односно на улицата Јуриј Гагарин. Започнуваме со фасада на зграда 25 и 35 и продолжуваме по должината од левата страна“, информираше Јакимовски. Заедно со фасадите, најголем дел од станарите ги променија и прозорците, со што се имплементирани мерките за енергетска ефикасност во овие објекти. Вкупната вредност на проектот е 8,6 милиони денари.
Оваа скопска општина досега реконструирала седум станбени објекти на нејзината територија. Локалните власти од Карпош најавуваат дека во претстојниот период ќе се изведат термички фасади во делот на населбата Козле, како и долж булеварите Партизански одреди и Илинден. Од Општина Карпош посочуваат дека нивниот план вклучува реконструкција на надворешниот изглед на 20 згради што се лоцирани долж овие скопски сообраќајници.