Претходна статија
Албанската „Амадеус груп“ ќе гради „барокен“ хотел под Кале
Следна статија
ИНТЕРВЈУ: Повеќе внимание да се посвети на урбаната оска Стара железничка станица - Бит пазар

Општина Битола го продава земјиштето во поранешната касарна

Објавено на 23.11.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Преку објава во дневните весници и на интернет – порталот на општината, локалната самоуправа од Битола нуди 7 градежни парцели за изградба на трговски центри, деловни простории, хотелски комплекс и објекти од образованието и културата и 21 парцела со намена за домување во станбени куќи. Доколку се остварат намерите на битолските власти, во рамките на поранешната касарна на АРМ ќе никне нов мини град. Во објавата се нудат 28.005 метри квадратни неизградено земјиште за изградба на комерцијални, деловни, културни и образовни објекти, а вкупната површина на останатите градежните парцели наменети за индивидуални живеалишта изнесува 17.013 метри квадратни.

 

 

 

Почетната цена за градежните парцели на електронското јавно наддавање за изградба на трговските единици и деловните објекти изнесува 4.300 денари за метар квадратен, за оние со намена за култура и образование е 1.050 денари за метар квадратен, а по изненадувачки ниска цена по цена од 61 денар за метар квадратен се продава земјиштето за изградба на хотелски комплекс. Електронското јавно наддавање ќе се оддржи на интернет – страницата www.gradezno-zemjiste.mk .

 

Министерството за транспорт и врски во март оваа година со половичен успех успеа да продаде 10 градежни парцели со површина од 24.147 метри квадратни од првично предвидените 22 локации за градење. Проектите кои се предвидени во рамки на поранешната касарна „Стив Наумов“ се преточени во три детални урбанистички планови со вкупен опфат од 103 хектари. Општина Битола е една од првите осум општини на кои државата им го префрли државното неизградено земјиште, а објавата за продажба на 45.018 метри квадратни неизградено земјиште во битолската касарна претставува прва поголема понуда на ваквите парцели од локалните самоуправи.

 

 

Бојан Блажевски