Претходна статија
Во Могила од отпадната слама се произведуваат пелети за греење
Следна статија
Може ли скопската населба Топаана да постане достојно место за живеење?

Општина Аеродром донесе спорен ДУП, опозицијата и граѓаните на протести

Објавено на 06.04.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Советот на општина Аеродром вчера попладне ненајавено го изгласа новиот Детален урбанистички план И10 со кој се уништува зеленилото кај „Мајчин дом“ и се дозволува изградба на нови станбени објекти на Кејот на Вардар во населбата Острово. Одлуката е донесена со поддршка на советниците на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, која има мнозинство во советот на оваа скопска општина. Од СДСМ денеска посочија дека изгласувањето на ДУП-от било ненајавено, без дебата и кукавички за да се заобиколи незадоволството на граѓаните. Од опозицијата истакнуваат дека со урбанистичкиот план ќе се уништи зеленилото во Аеродром, градејќи нова деветкатница кај „Мајчин дом“ и нови станбени згради покрај Вардар.

 

 

Златко Марин, претседател на ОО СДСМ-Аеродром, посочува дека станува збор за нов удар на градежната мафија врз граѓаните на Аеродром. „Го повикуваме Ивица Коневски, да одговори на следните прашања: Прво, дали е точно дека позади градбата кај Мајчин дом стои Орце Камчев, кој неодамна преку фирмата Масив Констракшн ја купил парцелата? Според овој извештај на Камчев Консалтинг ДООЕЛ, Масив Констракшн е подружница на фирмата на Камчев. Токму тие ќе ја уништат оваа зелена површина од 3.580 м2 на која стоиме сега. Јавно го прашувам Коневски, дали тој има бизнис интерес тука? Второ, во чија сопственост е втората парцела кај Неоком? Дали повторно станува збор за некој од бизнисмените на ВМРО-ДПМНЕ?“ праша Златко Марин.

 

Градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски, преку Фејсбук-пост ги отфрли обвинувањата. „Секогаш при донесување на овие планови, постапките се во согласност со законот и во транспарентна процедура. Конструкциите и лажните вести што тие ги шират се показател на нивната деструктивна политика што ја водат во нашата општина“ тврди градоначалникот Коневски.

 

Во меѓувреме, граѓаните од населбите Острово и Аеродром вчера излегоа на протест пред општинската зграда во Аеродром. Жителите ги повикуваат своите сограѓани на протести во текот на попладневните часови. Од опозициската Демократска обнова на Македонија (ДОМ) бараат општина Аеродром да го поништи спорниот урбанистички план. Од ДОМ предупредуваат дека во спротивно тие ќе бидат приморани да поведат иницијатива пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста на самата постапка за донесување на ДУП-от.