Претходна статија
17,4 милиони денари за партерно уредување на објектот на ФДУ
Следна статија
Отворена нова бензинска станица на „Лукоил“ во Трубарево

Општина Аеродром бара начин да ја спречи изградбата на деветкатница кај Мајчин Дом

Објавено на 06.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Општина Аеродром не добила барање за издавање на одобрение за градење на деветкатна станбена зграда на парцелата пред Мајчин дом, ниту пак добила било какво друго барање во однос на конкретната парцела. За планираниот објект од инвеститорот не постои проектна документација, така што општинските власти во моментов ги разгледуваат сите правни механизми за да ја спречат изградбата на спорната деветкатница на оваа локација. „Градење на деветкатница на плацот пред Мајчин дом е спротивно на заложбите на сегашното општинско раководство“ велат од Општина Аеродром.

 

 

Сепак, тие посочуваат дека спорната парцела е во приватна сопственост. Претходното општинско раководство во април 2017 година ја пренаменило оваа парцела од дотогашно парковско зеленило во зона за станбено домување. На тој начин, на земјиштето е предвидена изградба на објект со приземје, осум ката и поткровје, а во еден дел на објект со приземје и осум ката. И покрај заложбите на општинските власти да се најде начин за да се спречи изградбата на деветкатницата, граѓаните од населбата Аеродром на социјалните мрежи веќе најавија организирање на настан против изведбата на овој проект.

 

За 9 март, со почеток од 17 часот, е најавен настанот „Со фудбал до позелен Аеродром“, на којшто се поканети сите жители на населбата. „Идејата е преку фудбал да го изразиме нашиот револт против уништувањето на зеленилото пред Мајчин дом. Добредојдени се сите кои сакаат почиста и позелена општина“ се вели во објавениот повик до граѓаните на социјалната мрежа „Фејсбук“. Против изградбата на оваа станбена зграда минатата година реагираше и владејачкиот СДСМ, којшто во неколку наврати жестоко се спротивстави на овој проект.