Претходна статија
Привршуваат градежните работи на новата градинка „Кочо Рацин“
Следна статија
За проширување на на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ ќе се вложат над 3 милиони евра

Опозицијата им се придружи на граѓаните во Карпош 4 против новиот ДУП за населбата

Објавено на 29.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Советничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во општина Карпош денеска го повика градоначалникот Стевче Јакимовски да ја прифати иницијативата на граѓаните од населбата Карпош 4 и новоподготвениот ДУП да го врати во фаза на јавна презентација и јавна анкета. Опозициските советници јавно ја поддржаа иницијативата за собирање потписи во канцеларијата на ДИК во Карпош за враќање на предложениот урбанистички план за Карпош 4 во фаза на јавна презентација и расправа. Тие, како и граѓаните, застанаа на став дека се против уништувањето на зеленилото во населбата за изградба на нови паркинзи, станбени згради и други објекти зацртано во предложениот ДУП.

 

 

 

„На ова место каде што се наоѓаме веќе е пресечено првото дрво. Ќе биде порамнет со земја целиот парк. Тука Стевчо Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ ќе градат катна гаража. Ова нема да биде единствениот уништен парк во општина Карпош, туку еден од неколкуте кои ќе исчезнат, за Стевчо Јакимовски и партнерот Груевски да градат гаражи. Тоа е предвидено во новиот Детален урбанистички план што планираат да го донесат“ изјави Магдалена Несторовска, координаторка на советничката група на СДСМ во Општина Карпош. Таа посочи дека советниците од оваа партија веќе се потпишале на граѓанската иницијатива, истовремено порачувајќи дека уште кон крајот на август до Општина Карпош се поднесени 2.400 потписи од жителите на Карпош 4 за да се организира Собир на граѓани.

 

Од локалната самоуправа денеска реагираа на тврдењата на СДСМ, посочувајќи дека е измислена кражбата на зеленилото во населбата Карпош 4. Од Општина Карпош остануваат на стариот став дека немаат намера да ги уништат постоечките паркови, туку единствено ги задоволуваат критериумите за изработка на урбанистички планови. „За волја на вистината, дел од Карпош 4 има урбанистички план усвоен на 13.07.2012 година и потпишан од претседавачот на Советот на Карпош, членот на СДСМ – Трифун Трифуновски. Овој план кој сега го критикуваат ги презеде истите решенија од оние што ги изгласал и потпишал СДСМ како мнозинство во 2012 година“, истакнуваат од Општина Карпош.

 

Во меѓувреме, на социјалните мрежи и денеска се шират повици до жителите на оваа скопска општина за да се потпишат на граѓанската иницијатива за одбрана на зеленилото во Карпош 4. Секој заинтересиран граѓанин од оваа општина може да го стави својот потпис за спротивставување на предложениот ДУП за Карпош 4 во канцеларијата на ДИК во населбата Козле. Жителите на оваа општина можат да се потпишат најдоцна до 1 октомври, во периодот од 8:30 до 18 часот. Според последните информации што се споделуваат на социјалните мрежи, досега се потпишале над 1.600 жители на Карпош од потребните над 5.400 потписи.