Советничката група на СДСМ во скопската општина Аеродром денеска побара повлекување на спорните ДУП-ови, за кои општинската администрација пред една недела донесе одлука за нивно привремено повлекување на доработка. Координаторката на советничката група на СДСМ Љубица Јанчева нагласи дека граѓаните на Аеродром во зимските месеци дишат екстремно загаден воздух полн со канцерогени честички, како и дека уништувањето на зеленилото во Аеродром дополнително ќе ја влоши ситуацијата. „Граѓаните се сведоци на хаосот што настана со 48-те нови згради и висококатниците, поради коишто, често има прекин на снабдувањето со вода и проблеми со електричниот напон“, рече Јанчева.
Покрај барањето на СДСМ за целосно повлекување на предложените урбанистички планови за населбата Острово и за потегот од Ново Лисиче до Долно Лисиче, од Демократската обнова на Македонија (ДОМ) денеска ја поддржаа граѓанската иницијатива „Мораториум за градење во општината!“. Од ДОМ велат дека се против новите урбанистички планови предложени од општина Аеродром. Од оваа политичка партија се придружуваат кон апелот на жителите и бараат зоната за спорт и рекреација која се наоѓа покрај Вардар, од булевар АСНОМ до „Тинекс“, да продолжи до објектите „Synergy“ и ПИОМ. Од ДОМ посочуваат дека поставувањето објекти во непосредна близина на коритото на реката Вардар е проблематично од хидролошки, сеизмолошки и од еколошки аспект.
Општина Аеродром пред една недела привремено го повлече спорниот ДУП за скопската населба Острово. „Јавната анкета за Деталниот нацрт-план за урбанистичка четврт И 10 согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 се прекинува. Причина за прекинот е што планерската куќа при уредувањето на просторот не водела сметка за пристапот до Г.П. 21 и Г.П. 22 преку секундарна улична мрежа“, објаснија тогаш од општина Аеродром.