Претходна статија
Нов Центар за хемодијализа при ГОБ „8-ми Септември“
Следна статија
Градежниците позитивно ја оценуваат економската состојба во третото тримесечје од годинава

Опаднала бројката на предвидени станови во текот на септември

Објавено на 05.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По неколкумесечниот пораст во изградбата на станбени површини во Македонија, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на септември опаднал бројот на предвидени станови за градење од страна на деловните субјекти и на граѓаните. Врз основа на информациите поврзани со издадените одобренија за градење, во септември 2012 година била планирана изградба на 476 станови со вкупна корисна површина од 47.536 метри квадратни, што претставува намалување од 29,6% кај бројот на станбени единици и од 10,7% во однос на нивната површина.

 

Деловните субјекти започнале со изградба на 137 станови, додека физичките лица фигурираат како инвеститори кај 339 единици за индивидуално и колективно живеење. Како и до сега, вложувањето во овој сегмент од недвижностите е насочено најмногу кон двособните и трисобните станови, чија заедничка бројка изнесува 277. Проектите за изградба на нови станови се концентрирани во скопскиот (208), полошкиот (117) и во југозападниот регион (83). Статистичарите во деветтиот месец од оваа година најмногу предвидени станови за изведба констатирале во општина Карпош (70), општина Дебар (51) и општина Тетово (43).

 

Наспроти намаленото темпо на вложување во секторот домување, во текот на септември се издадени 266 градежни дозволи, што претставува пораст од 25,5% во споредба со идентичниот период од минатата година. И покрај зголемувањето на оваа ставка, сепак предвидената вредност на објектите изнесува 2.384.156.000 денари и е намалена за 13,2% во однос на истиот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 196 (73,7%) се однесуваат за објекти од високоградба, 21 (7,9%) за објекти од нискоградба и 49 (18,4%) за објекти за реконструкција. Физичките лица се јавуваат како инвеститори на 210 објекти, додека деловните субјекти фигурираат како вложувачи на 56 зданија.