Македонските општини во септември 2014 година издале одобренија за градење на 448 станови со вкупна корисна површина од 38.500 метри квадратни. Државниот завод за статистика во месечниот извештај констатира намалување од 10,8% кај бројот на предвидени станови и пад од 10,4% во делот на нивната корисна површина во споредба со септември 2013 година. Физички лица започнале постапка за градење на 270 станбени единици со површина од 28.623 метри квадратни, додека преостанатите живеалишта ќе се градат од деловните субјекти.
И во деветтиот месец од годинава најголем интерес кај инвеститорите во овој вид недвижности има за двособни (140) и трисобни станови (97) на територијата на целата земја. Притоа, најмногу станови започнале да се градат во скопскиот регион – 296, а потоа следуваат полошкиот со 50 и југозападниот регион со 35 станбени единици. Скопските локални самоуправи се најатрактивни за инвестирање во нови живеалишта за граѓаните. Општина Аеродром издала градежни дозволи за изградба на 132, општина Илинден за 88, додека општина Центар за 55 станови.
Статистичарите пресметале дека во текот на септември годинава се издадени 264 одобренија за градење, што е за 118,2% повеќе во однос на истиот период лани. Врз основа на издадените градежни дозволи, предвидената вредност на објектите изнесува 3.939.191 илјади денари, што е за 22,1% помалку во однос на истиот период од претходната година. Од вкупниот број на одобренија за градење, 176 (66,7%) се наменети за објекти од високоградба, 29 (11%) за објекти од нискоградба и 59 (22,3%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 264 зданија, на 198 (75%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 66 објекти (25%) инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски