Претходна статија
1,8 милиони евра за проширување на булеварот Трета Македонска бригада до центарот на Скопје
Следна статија
Кој проект од стотици милиони евра е договорен во 2015 година?

„Охрид СОС“ со барање за мораториум околу урбанизацијата на Студенчишко блато

Објавено на 05.06.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По повод Светскиот ден на животната средина, охридската граѓанска иницијатива „Охрид СОС“ на градоначалникот Никола Бакрачески денеска му врачи барање за мораториум на спроведување на активностите за урбанизација на Студенчишкото блато. Во барањето стои дека овој составен сегмент на Охридското езеро се одликува со исклучителна вредност поради присуство на ретки и ендемични видови на растенија и животни. Министерството за животна средина и просторно планирање веќе има отпочнато постапка за негова заштита и прогласување на Споменик на природата.

 

#„Доколку се спроведе урбанизација на Студенчишко блато влијанија ќе постојат врз растителните заедници кои се со многу ограничена распространетост, како и врз видовите на растенија и алги кои се среќаваат само во блатото и на ниту едно место на светот. Со намалување/преземање на површината на блатото ќе се промени квантитетот и квалитетот на подземните површински води, како и неговата основна функција (природен прочистувач на Охридското езеро) што воедно е најсериозна закана по биолошката разновидност и на блатото и на езерото“, истакнуваат од иницијативата „Охрид СОС“. Од иницијативата се задоволни што ресорниот министер неодамна најави дека Студенчишкото блато ќе се прогласи за споменик на природата. Тие очекуваат дека во следната фаза ќе се изработи елаборат за заштита на животната средина за Студенчишко блато и негово прогласување за споменик на природата во границите определени со Стратегиската оценка на влијанието врз животната средина, чија површина изнесува 77 хектари, а не 4,9 хектари како што смета општина Охрид.

 

Локалната самоуправа од Охрид размислува на дел од просторот на Студенчишко блато да изгради марина и луксузна населба составена од објекти за домување, хотели и други комерцијални содржини.