Претходна статија
Наместо „барокна“, Гази Баба ќе добие модерна општинска зграда
Следна статија
Владата и локалната самоуправа работат на заштита на Скопскиот аквадукт

„Охрид СОС“ побара, а владата го објави Извештајот за спроведување на препораките на УНЕСКО

Објавено на 24.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Владата ги прифатила најголемиот дел од препораките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во однос на Охрид и Охридското езеро. Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ вчера побара објавување на усвоениот Извештај за спроведување на препораките од донесената одлука на УНЕСКО, со кој би се надминала можноста за Охрид да биде впишан на Листата на светско културно наследство во опасност на УНЕСКО. Веднаш по нивното барање, Министерството за култура го објави усвоениот извештај, кој е доставен до Центарот за светско наследство на УНЕСКО на 15 февруари 2018 година.

 

 

Одговарајќи на пратенички прашања на оваа тема, премиерот Зоран Заев вчера изјави дека Охрид во иднина нема да се развива со грандиозни хотелски проекции и окупација на културното богатство и природа. По разгледувањето на препораките од УНЕСКО за Охрид, владата се откажала од изградбата на скијачкиот центар на Галичица и од планираниот експресен пат Охрид – Свети Наум. Проектната документација за автопатот од Требеништа до Охрид ќе се ревидира. Од владата признаваат допрва ќе треба да се види што ќе се прави со трасата на железничката пруга од Кичево до албанската граница. Проектната документација за овој капитален проект е штотуку изработена, а за УНЕСКО е спорен еден дел од трасата, особено сегментот што минува кај струшкото село Радожда.

 

Наспроти оптимизмот искажан од владата, од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ не се задоволни од сработеното. Тие велат дека шестата препорака од Реактивната мисија на УНЕСКО не е спроведена, односно не е прогласен мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје на заштитениот дел од Охрид. Воедно, од „Охрид СОС“ велат дека не можат да се решат наеднаш проблемите со огромниот внес на фосфор од реката Сатеска во Охридското езеро, катастрофалната состојба на колекторскиот систем, прекумерниот риболов и загубата на блатните системи на езерото.

 

„Трајното зачувување на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион е сложен процес. Тој не се состои само од откажување од планирани патишта, ресорти и други мегапроекти. Тоа е долготраен процес кој ќе биде единствено возможен во средина на транспарентност, отвореност, искреност и отчетност“ порачуваат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.