Општина Охрид денеска објави тендер за пронаоѓање на најповолен понудувач што ќе ја изработи сообраќајната студија за градот. Солуциите за решавање на постојниот сообраќаен метеж во центарот на Охрид, недостигот од паркинг места и можностите за развој на јавниот градски превоз и за велосипедската инфраструктура ќе бидат само еден дел од содржината на овој значаен документ.
Избраната фирма ќе треба да ја анализира постојната состојба со сообраќајот, да ги идентификува проблемите, да изведе снимање на сообраќајот и анкета на населението, да ја моделира транспортната побарувачка, да даде препораки за управување и контрола на сообраќајот и да изготви пилот студии за охридскиот сообраќај.
„Предмет на овој проект е да се изврши сообраќајно истражување на целокупниот сообраќај на град Охрид“ наведуваат од општина Охрид во распишаниот тендер. Рокот за подготовка на сообраќајната студија е 15 месеци, додека нејзиното изготвување е проценето дека ќе го чини локалниот буџет над 4,1 милион денари. Заинтересираните субјекти ќе имаат рок до 27 август за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка, за кога е закажано и отворањето на нивните понуди.