Претходна статија
Општина Центар ќе финансира реконструкција на фасадите на станбени згради
Следна статија
„Гранит“ и „Бетон“ со намалени приходи и добивка во првите 3 месеци од 2012 година

Оградата на мостот кај Холидеј Ин ќе „голтне“ над милион евра

Објавено на 08.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје потпиша договор со компанијата РЖ Институт од Скопје и леарницата Јеремиќ од Белград за изработка и монтажа на заштитна ограда и канделабри на мостот „Слобода“ кај хотелот Холидеј Ин, кој речиси една година се наоѓа во фаза на реконструкција. За новата ограда што ќе го краси строгиот центар на Скопје, од градскиот буџет ќе се потрошат 70.173.420 денари или околу 1.150.000 евра, а најповолните понудувачи се избрани преку отворена постапка на тендер на кој се пријавиле шест компании. Стилската ограда ќе биде комплетирана во временски период од 25 месеци, поточно до 26 мај 2014 година, ако се земе во предвид објавениот датум на склучување на договорот.

 

#Судејќи според финансиската конструкција на зафатот, мостот кај Холидеј Ин ќе биде најскапиот од зацртаните за реконструкција со проектот „Скопје 2014“, бидејќи покрај 70 милиони денари за оградата, дополнителни финансиски средства се предвидени за осветлувањето, но и за веќе завршените градежни работи за санација која ги опфати тротоарите и неговата конструкција. Според замислата на авторите на идејниот проект, Константин Јанев и Маријан Камиловски, оградата ќе биде од ковано железо и на неа ќе бидат изведени слики и мотиви од македонското културно наследство. Во духот на дизајнот на оградата, впечатлив изглед ќе имаат и новите канделабри што ќе се постават на мостот. Неговата реконструкција започна кон крајот на мај минатата година, а градските власти досега ги завршија проектите за поставување на нови „барокни“ огради на мостот „Гоце Делчев“ и на „Мостот на револуцијата“ за кои се издвоија околу 800.000 евра од буџетската каса.