Претходна статија
Тендерот за нови патнички гарнитури за МЖ - Транспорт пролонгиран за шест месеци (ДОПОЛНЕТО)
Следна статија
До крајот на месецов ќе профункционира јавен градски превоз во Охрид

Одземени концесиите за изградба на две мали хидроелектрани

Објавено на 18.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за економија започна да ги одзема концесиите за искористување на водниот потенцијал за производство на електрична енергија на оние компании што не ги реализирале сопствените проекти во законски утврдениот рок од три години. ЕМК ДООЕЛ Мали хидроелектрани од Скопје ги изгуби двете концесии за изградба на мали хидроелектрани на Отљанска и Обедничка река поради непреземање активности во процесот на нивна реализација и покрај дадениот дополнителен рок, јави економскиот интернет – портал „Фактор“. Во овој проект беше предвидено да се вложат 1,2 милиони евра, а просечното годишно производство на електрична енергија требаше да изнесува 1,8 GWh.

 

Според информациите од Министерството за економија, досега се пуштени во употреба седум мали хидроелектрани, додека 20 други енергетски објекти од овој вид се во фаза на градба. Преку спроведените пет меѓународни огласи се доделија 70 концесии за искористување на водниот потенцијал за оваа намена, при што вкупната инвестиција во сите проекти би била 120 милиони евра. Во согласност со Студијата за хидроенергетскиот потенцијал на мали ХЕ изработена во 1980 година, во земјава треба да се изградат 400 мали хидроелектрани, со вкупна инсталирана моќност од 255 MW и очекувано годишно производство од 670 GWh.

 

ЕМК ДООЕЛ Мали хидроелектрани од Скопје е правен субјект основан од австриската компанија Energy Eastern Europe. Покрај во Австрија и во Македонија, таа работи на проекти за изградба на мали хидроелектрани и во Црна Гора и Босна и Херцеговина. Во моментов во земјава во процес на изградба се четири електрани на реките Љубанска, Брестјанска, Мала Река и Големача. Тие како инвеститори се јавуваат и на уште два вакви енергетски објекта на Крива Река кои треба да се реализираат во претстојниот период, а нивната инсталирана моќност е планирано да изнесува 2,89 MW.