Граѓаните од утре ќе можат да изнајмат велосипед на пет локации во градот во периодот од 7 до 22 часот по цена од 10 денари за час. Јавното претпријатие „Градски паркинг“ и годинава ќе продолжи да го одржува проектот „Скопје изнајми велосипед“. Секоја индивидуа со својата лична карта ќе може да изнајми велосипед во катната гаража „Македонска фаланга“, на паркингот кај Градската општа болница во центарот на Скопје, на паркингот кај Градската општа болница „8 Септември“ во Карпош 3, на паркингот позади трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром и на јавното паркиралиште спроти „Треска“ во Капиштец.
Граѓаните ќе можат да подигнат велосипед на еден пункт и да го вратат на некој од другите паркинзи. Проектот „Скопје изнајми велосипед“ беше промовиран во јуни 2010 година и беше предвиден за да им понуди на граѓаните нова алтернативна можност за јавен транспорт во Скопје.