Претходна статија
Музика и насмеани лица на почетокот од кампањата „Излези за ГТЦ“
Следна статија
2,4 милиони евра за реконструкција на болници

Од јули ќе се тестира електронската наплата во скопските автобуси

Објавено на 07.04.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Долгонајавуваниот систем за автоматска локација на возила и електронска наплата во автобусите од јавниот превоз во Скопје пробно ќе профункционира во јули и август годинава. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска изврши увид во инсталирањето на новиот систем, кој ќе биде задолжителен за ЈСП-Скопје, но и за приватните превозници. „Системот за автоматска локација и електронскиот систем за наплата ќе биде инсталиран во 500 автобуси, од кои 384 автобуси на ЈСП-Скопје, а 116 на приватни превозници, и граѓаните ќе можат еден билет да користат за возење во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП“, изјави Трајановски.

 

* Коце Трајановски го претстави новиот електронски билет
Фото: Град Скопје

 

Новиот систем најпрво ќе функционира во согласност со постоечкиот тарифен систем, но во иднина ќе се премине на нов тарифен систем. Со воведувањето на овој систем ќе им се овозможи на граѓаните да го платат возниот билет со мобилен телефон, во готово, со кредитна картичка и со смарт картичка. На располагање на граѓаните ќе им бидат 61 место за надополнување и продажба на картички, во кои влегуваат и три автомати за издавање и дополнување на картичките. За реализација на овој проект Градот Скопје издвои 3 милиони евра, доде нејзин имплементатор е компанијата „Т-Мобиле“. Со електронскиот систем е овозможено во иднина да се воведат нови видови на билети, како што се: билет со можност за преседнување од еден во друг автобус, карта со ограничено времетраење, зонски билет, неделен билет, дневен билет, викенд билет и слично.

 

Во наредните месеци на автобуските стојалишта ќе бидат поставени над 50 информациони дисплеи за пристигнување на автобусите, додека патниците преку СМС – порака ќе можат да се информираат за следните пристигнувања на автобус на бараната линија. Со системот за автоматска локација на возилата ќе се овозможи од контролен центар да се следат автобусите во реално време, со што ќе се има контрола и врз запазувањето на пропишаните возни редови во скопскиот јавен превоз.