Локалната самоуправа од Прилеп денеска ги претстави петте автобуси за организирање на јавниот превоз во градот. Заедно со двата постојни автобуси во сопственост на Општината, од 1 септември вкупно седум автобуси ќе започнат да сообраќаат на двете градски линии во прилепските населби. По примерот на ЈСП – Скопје, во Прилеп јавниот превоз ќе го организира Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање.
За успешна реализација на проектот, во наредниот период ќе се постават електронски табли за информирање на патниците на автобуските постојки. Според интернет – страницата на општина Прилеп, во проектот досега се вложени преку шест милиони денари, а во наредниот период ќе се инвестираат дополнителни финансиски средства за доопремување и одржување.
Локалната власт го обелодени проектот за воведување на јавен превоз во градот во текот на 2012 година, а првичниот рок за негово стартување беше првото тримесечје од 2013 година. Доколку се покаже интерес од граѓаните за користење на јавниот превоз, општината во иднина ќе воведе уште три градски линии. За градскиот транспорт во Прилеп е изготвена и студија за оправданост од воведување на јавниот превоз од Сообраќајниот факултет во Битола.