Бавно се одвива развојот на енергетски капацитети што ја ползуваат обновливата енергија за производство на електрична енергија. Како што покажуваат податоците на Агенцијата за енергетика, во изминативе 12 месеци биле впишани само седум нови мали хидроелектрани во Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливите извори. Особено треба да загрижува фактот што во идентичниот период не е впишана ниту една нова фотоволтаична централа, но ист останува и бројот на ветерни и биогасни електрани во земјава.
Податоците на Агенцијата за енергетика велат дека во Македонија има 185 електроцентрали што произведуваат електрична енергија од обновливи извори. Од нив, 79 се мали хидроелектрани со инсталирана моќност од вкупно 71,88 мегавати и планирано годишно производство на 285.595 мегават-часови електрична енергија. Непроменлива останува бројката од 102 фотоволтаични централи на територијата на нашата земја, како и на трите впишани биогасни електрани и ветерниот парк „Богданци“.
Заклучно со 20 јуни годинава, овие електроцентрали можат годишно да произведат „зелена“ електрична енергија во износ од 438.599 мегават-часови. Притоа, вкупната инсталирана моќ на овие електрични централи изнесува 132,4 мегавати. Колку за споредба, во мај 2017 година во Регистарот на Агенцијата за енергетика биле впишани вкупно 178 електроцентрали што ги ползуваат обновливите извори на енергија.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk