Македонскиот премиер Зоран Заев денеска ја посети Казнено-поправната установа „Идризово“ за да се запознае со условите во кои живеат затворениците во најголемиот објект од ваков вид во земјава. „Јас се срамам што сум премиер на земја каде што затворите се надвор од сите стандарди на хуманиот и социјалниот аспект на лицата што се осудени на издржување на затворски казни. Оваа посета денеска очекувам да отвори дебата, пред сѐ, пред институциите што се надлежни“ изјави премиерот Заев. Заедно со него, во обиколка на затворот беше Народниот правобранител Иџет Меџити, директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска, министерот за правда Билен Саљији и директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ.
*Проектот за изградба на новиот затворски комплекс „Идризово“ обелоденет пред неколку години
Според информациите што ги објави македонската влада, скопскиот затвор „Идризово“ останува пренатрупан со затвореници. Ако по стандардите, во затворот треба да има 850 затвореници, во целиот комплекс денеска се сместени 1.850 лица. Еден од главните проблеми со КПД „Идризово“ е спората и нецелосно реализирана изградба на нови објекти и реконструкција на сегашните простории за затворениците. Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ во 2010 година подигна кредит во висина од 52 милиони евра за реновирање на македонските затвори. Тогашното ветување беше дека проектот ќе се заврши најдоцна до 2015 година.
Првичната идеја за затворот „Идризово“ беше да се срушат постојните објекти и на нивно место да се изградат нови на површина од 42.000 метри квадратни. Обновата на затворскиот комплекс започна во септември 2013 година. За изведба на овој зафат во вредност од 11,2 милиони евра беше избрана словачката фирма „Хемкостав“. Целиот проект требаше да се реализира во три фази и да заврши најдоцна до 2018 година. Министерството за правда во мај годинава информираше дека е завршена изведбата на првата фаза. Тогаш од ова министерство напоменаа дека е комплетирана изградбата на полуотвореното одделение со капацитет од 260 легла, како и отвореното одделение во кое може да се сместат дополнителни 260 затвореници. Со првата фаза се реновираше тренинг-центарот за вработени и управната зграда на затворот.
Сепак, и по четири години од почетокот на градежните работи останува нејасно до каде е реализацијата на преостанатите две фази од обновата на затворот „Идризово“. Во согласност со изработената проектна документација, во целиот комплекс требаше да се изградат три објекти за мажи од отвореното одделение со површина од 5.500 метри квадратни, два објекти за мажи од полуотвореното одделение со површина од 4.650 метри квадратни, изградба на пречистителна станица за отпадни води, нова главна капија, центар за посети, ново здравствено одделение, спортска сала, нов безбедносен ѕид, работилници и нови одделенија од женскиот затвор. Со еден збор, на местото на некогашниот затвор „Идризово“ требаше да се изгради нова казнено-поправна установа.
Од новата влада денеска не излегоа со детални податоци во однос на прашањето за што претходната влада ги потрошила парите од проектот за обнова на затворот „Идризово“. Немаше ниту објаснување за тоа кога ќе се доврши веќе започнатиот, но недовршен проект. Сепак, премиерот Заев нагласи дека владата опстојува на ставот за обнова на КПД „Идризово“. „Еден дел може да се реновира, да се доведе во состојба за да се обезбедат достоинствени услови, но секако државата, колку што е можно побргу мора да собере сили, да инвестира во новите објекти“ истакна премиерот Заев.