Претходна статија
Привршува реконструкцијата на спортската сала „Младост“ во Битола
Следна статија
Четири нови улици се градат во населбата Стар Аеродром

Објектот на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се подготвува за реконструкција

Објавено на 30.03.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градот Скопје ќе инвестира во реконструкција на градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Објектот изграден во 1973 година ќе биде подложен на темелен санационен зафат, со кој ќе се обноват целокупните простории на библиотеката. Јавната установа денеска го распиша огласот за избор на проектантска куќа што ќе го изработи основниот проект со сите фази за адаптација, санација и реставрација на ова културно здание лоцирано до пазарчето „Буњаковец“. Проценето е дека подготовката на проектот ќе чини 2,4 милиони денари. Заинтересираните проектантски куќи имаат рок до 26 април за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка.

 

Извор на фотографија: Владимир Петков, Википедија  (CC BY-SA 3.0)

 

Реконструкцијата на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се очекува дека ќе започне во текот на 2017 година. Изборот на изведувач на градежните работи ќе следува по изготвувањето на основниот проект. За остварување на проектот е предвидено да се одвојат околу 300.000 евра од буџетот на Град Скопје. Реновирањето на објектот ќе го опфати вториот кат од објектот, кој во моментов е вон употреба. Со претстојната адаптација ќе се добијат 200 дополнителни места за корисниците на библиотеката. Вториот кат од објектот во иднина ќе има кабини за индивидуално и групно учење и просторија со десетина компјутери. Со реконструктивниот зафат ќе се санираат и просториите од првиот кат, кои во моментов се користат од страна на посетителите.