Mагистралниот пат од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир ќе биде целосно реконструиран и проширен со трета коловозна лента во должина од 13 километри. Во собраниска процедура вчера влезе Предлог – законот за гаранција на РМ на обврските по Договорот за заем, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и ЈП за државни патишта. Од ЕБОР веќе известија дека тендерската постапка би можела да се распише до крајот на годинава.
Проектот за реконструкција и проширување на патот Крива Паланка – Деве Баир ќе чини 16,4 милиони евра. Со заемот од ЕБОР се обезбедуваат средства од 10 милиони евра, додека инвестициски грант од 2,62 милиони евра ќе биде одобрен за овој проект во декември годинава преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ). Градежните работи на оваа траса би требало да започнат во текот на наредната година.
Патот Крива Паланка – Деве Баир е дел од патниот Коридор 8 и претставува главна патна врска меѓу Македонија и Бугарија. Реконструираната и надградена делница ќе се надоврзе на идниот регионален пат Ранковце – Крива Паланка, кој започна да се гради годинава и ќе се заврши во рок од три години.