Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска оствари работна средба со претставници од германската КфВ банка. На средбата се разговарало за продлабочување на соработката меѓу ова министерство и банкарската институција во рамките на проектот „Подобрување на водоснабдувањето во општините во Република Македонија“. Надлежното министерство на денешниот состанок обезбедило дополнителен грант од 5 милиони евра неповратни средства за подобрување на водоснабдувањето во општините Кавадарци и Гевгелија.
*Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски
Од германската КфВ банка е обезбеден и заем во износ од 3 милиони евра за подобрување на водоснабдувањето во Кавадарци и Радовиш. Преку швајцарската програма СЕКО е доделен дополнителен грант од 4,5 милиони евра неповратни средства за подобрување на водоснабдувањето во Гостивар. Со заемната соработка на Министерството за транспорт и врски и КфВ банката се обезбедени вкупно 12,5 милиони евра за реконструкција и надградба на водоводната мрежа во четири поголеми општини од земјава. Од нив, дури 9,5 милиони евра се средства што нема да постои обврска да ги враќаме назад.