Претходна статија
Отворен е за сообраќај патот Битола - Ресен
Следна статија
Презентирана физибилити студија за дислокација на Клиничкиот центар

Ново одложување на реновирањето на Универзална сала

Објавено на 26.10.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Долго најавуваната замисла за реновирање на Универзалната сала во Скопје повторно наиде на финансиски пречки. Во градскиот буџет за 2011 не се предвидени средства за реализација на проектот, а дополнително останува да се утврди и улогата и средствата со кои Владата, односно Министерството за култура ќе учествува во целиот процес. Нејасно е и до каде е стигнато во изработка на проектната документација. Геомеханички испитувања на тлото беа направени уште на почетокот на 2009 година. Во август годинава беше соопштено дека во тек е ревизија на изведбените проекти за подземното и партерното паркирање, како и дека при крај е работата врз програмите за изготвување на проект за ентериерно уредување и за сценски технологии. Се најавуваше и експертиза за состојбата на конструкцијата на објектот и изработка на проект за санација.


Идејното решение за новиот лик на Универзалната сала е дело на архитектите Ленка Маневска, Весна Кондева и Ангел Ситновски. Според проектот, фоајето треба да се прошири и да се изградат два странични прстена, во кои ќе се сместат музички студија, угостителски локали и слични содржини. Со доградба на нови простории и влезови, реорганизација на просторот во внатрешноста, изведба на нова фасада, нов ентериер и акустика, како и замена на старите материјали, инсталации и опрема, салата треба да се претвори во современ културен и конгресен центар. Исто така е предвидено уредување на просторот околу салата. Првичната цена на проектот беше проценета на 3 милиони евра, но во моментов се калкулира со цена од 6 милиони евра.


Универзалната сала е изградена по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, со донации од 35 земји од светот. Изведена е како привремен објект со челична конструкција, а проектот е на бугарски архитекти. Официјално со работа започнала на 1 Јануари 1966 година. Последен пат била реновирана во далечната 1978 година, заради одржување на Конгрес на Комунистичката партија на Македонија.



Форумска дискусија за овој проект » овде