Градежните активности за изградба на новите сместувачки капацитети во рамките на студентскиот дом „Стив Наумов“ се одвиваат според зацртаното темпо, а до октомври годинава ќе бидат завршени 15.000 метри квадратни наменети за престој на студентите. „На местото на старите дотраени бараки ќе бидат изградени осум блокови со два типа објекти – шест објекти од тип 1 и два објекта од тип 2. Вкупниот сместувачки капацитет во новоизградените простории ќе биде 204 места. За оваа цел ќе бидат инвестирани и веќе се во процес на алокација 1 милион евра“, напомена владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на денешната прес – конференција. Објектите ќе бидат составени од трикреветни соби со тоалети, а за прв пат можност за престој ќе добијат и студентите со посебни потреби во еднокреветни соби. Овој проект, со кој ќе се обезбедат дополнителни легла за студентите, беше отпочнат со градба во текот на декември минатата година.
До октомври годинава ќе бидат завршени две нови основни и едно средно училиште во Аеродром, Вевчани и Шуто Оризари, за кои се одвоени 3,5 милиони евра од државниот буџет. Најдоцна до почетокот на 2013 година ќе заврши зградата за новото училиште во Чаир во вредност од 1 милион евра. Од владата пристигнува и ветување дека во наредните три години ќе се реконструираат 132 основни и средни училишта во 49 општини на целата територија на земјава, при што од буџетот ќе се инвестираат вкупно 45 милиони евра, односно по 15 милиони евра во секоја од претстојните три години. Со предвидениот зафат ќе се менуваат прозорци, покриви, подови, санитарни јазли и инсталации за греење. До крајот на месецов ќе биде одреден проектант за реконструкцијата на објектите, а потоа ќе бидат избрани и компаниите што ќе ги изведуваат градежните работи. Во училиштата што ќе се санираат е предвидено да се спроведат мерки за зголемување на ефикасноста во потрошувачката на енергија.