Градот Скопје процени дека реконструкцијата на надворешниот изглед на седум објекти во центарот на Скопје ќе чини 162.028.826 денари или преку 2,6 милиони евра, без вклучен ДДВ во крајната вредност. Опфатените објекти што ќе добијат фасади во согласност со владиниот проект „Скопје 2014“ се наоѓаат на улиците „Македонија“ (зграда бр.39), „Никола Вапцаров“ (згради бр.6, 8, 11 и 13) и „Димитрие Чуповски“ (згради бр.10 и 20). Во текот на денешниот ден е објавен огласот за избор на градежни компании што ќе ги изведуваат новите фасади, при што крајниот рок за доставување на тендерските понуди истекува на 20 и 21 февруари. За сите нив веќе се изработени основните проекти врз основа на кои ќе се изведува реконструктивниот зафат.
Промената на изворниот изглед на постоечки објекти во центарот на Скопје е еден од главните проекти на кои работи градската администрација. Досега се избрани 20-тина идејни решенија за згради во строгиот центар на градот, а во моментов тече рокот за доставување на трудови на конкурсот за околу 40 објекти на улиците „Македонија“, „Никола Вапцаров“ и „Димитрие Чуповски“, но и зданијата што гравитираат околу плоштадите „ВМРО“ и „Мајка Тереза“. Ако на нив се додадат и новите фасади за десетина објекти на булеварот „Илинден“, тогаш нивниот вкупен број е преку 50. Единствена непознаница од оваа замисла со која се продолжува проектот „Скопје 2014“ е колку ќе чини нејзината реализација, иако првичните проценки за финансиската конструкција може да се направат од тендерот за првите седум објекти.