Се одолговлекува реконструкцијата на автобуските постојки во главниот град. Наместо да се монтираат првите 50 постојки до април, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски на денешната средба со медиумите најави дека нивното поставување ќе започне во април и ќе се одвива до крајот на годината. Дизајнот на новите постојки веќе е завршен. Според склучениот договор со компанијата „Турбоинженеринг“ планирано е да се постават 226 стојалишта на повеќе локации во градот. „Ќе се поставуваат три типа на стојалишта кои се разликуваат според нивната големина, а истите ќе имаат настрешница, информативна табла, клупа за седење, канта за отпадоци и табла со име на постојката и броеви на автобусите коишто стојат на неа“, изјави градоначалникот Трајановски.
Покрај изгледот на стојалиштата, денеска беа претставени и новите информативни табли што ќе стојат на сите автобуски станици. На распишаниот конкурс од страна на ЈСП – Скопје, победи идејното решение на Александар Јосифовски, додека како вторангиран е избран трудот на Моника Зец. За набавката на автобуските постојки од градскиот буџет се издвоени околу 66 милиони денари. Проектот за реконструкцијата на станиците доцни повеќе од две години. Градот Скопје спроведе два неуспешни обиди за воспоставување на јавно – приватно партнерство, за на крајот да се одлучи самостојно да го оствари ветеното преку ЈСП – Скопје.