Претходна статија
Приватник би градел мултифункционален објект на местото на амбулантата во Дексион
Следна статија
И опозицијата бара поништување на огласот за давање под закуп на земјиште во скопската железарница

Новиот објект на НБРМ готов до 2020 година, ќе куртули од фонтана и обелиск

Објавено на 29.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) забрзано го гради новиот административен објект кај Македонската опера и балет (МОБ). Досега се изведени бетонски работи до шестиот спрат од идното здание со предвидена висина од 29 метри. Во моментов се работи на армирање и бетонирање на најгорните катови, а истовремено се изведуваат и преградните ѕидови во подземните нивоа. Од НБРМ за „Билд“ посочуваат дека изградбата на новото седиште на централната банка ќе заврши до крајот на 2019 година, додека внатрешното опремување и пуштањето во употреба на објектот ќе биде во 2020 година.

 

 

Од НБРМ велат дека раскошната фонтана со обелиск, која беше вметната од претходните власти во актуелниот детален урбанистички план, нема да се гради. Сепак, композициите од скулптури на идниот неокласичен објект се дел од договорот за градење со изведувачот и тие ќе бидат изведени. „Во насока на довршување на изградбата на објектот, согласно Генералниот динамички план за градење, следуваат фасадерски и занатски работи, како и довршување на позициите од фазите водовод и канализација, електрика и машинство“ појаснуваат од централната банка.

 

Крајната вредност на ова административно здание ќе се знае наредната година, за кога е предвидено да се изврши набавката на канцелариски мебел и да се реализира ентериерното уредување. Од Народната банка напоменуваат дека се соочуваат со недостиг на работен простор, така што е неопходно да се заврши изградбата на новиот објект на централната банка. Целокупниот проект се финансира од сопствени средства на НБРМ. Од централната банка допрва ќе донесуваат одлука за тоа како ќе се постапува со постојниот бруталистички објект во Маџир Маало, при што банката ќе постапува како општествено одговорна институција при оформувањето на одлуката.

 

Изградбата на новиот објект на Народната банка започна кон крајот на 2016 година, по многубројните перипетии околу изборот на локација за градење низ центарот на Скопје во периодот на реализација на проектот „Скопје 2014“.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk