Претходна статија
ЕВН и ЕЛЕМ ќе добијат „барокна“ фасада за 4,3 милиони евра
Следна статија
Се продава земјиште за изградба на згради и куќи во општина Аеродром

Новиот клинички центар ќе почне да се гради догодина

Објавено на 06.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Италијанската проектантска куќа „Арен С.Р.Л.“ од Торино го изработи конечното идејно решение за новиот централен клинички блок во Клиничкиот центар во Скопје, со што е заокружена втората фаза од овој проект. Во следната фаза ќе биде изготвен основниот проект, кој треба да биде завршен за околу шест месеци, а изградбата треба да стартува на почетокот на 2014 година и се очекува да трае три години. Според денеска изнесените информации, вкупната цена за изработка на целата проектна документација е 1,3 милиони евра, иако при потпишувањето на договорот во јануари беше најавена сума од 1,6 милиони евра.

 

Централниот клинички блок е предвиден на местото каде сега се наоѓа старата Клиника за гинекологија, која ќе биде урната. Објектот ќе биде поврзан со постојната зграда на Хируршките клиники, со Клиниката за гинекологија и со Клиниката за онкологија. Во новоформираниот комплекс ќе бидат сместени сите клиники освен Клиниката за инфективни болести, Клиниката за детски болести (кон која ќе се спои Клиниката за детска хирургија која од постојната зграда ќе премине таму), Стоматолошката клиника и Клиниката за максилофацијална хирургија, кои ќе останат во сегашните згради. Интерните клиники, кои се изградени во 30-тите години на минатиот век, ќе бидат урнати и на нивно место ќе има парк и шеталиште. Некои од преостанатите постојни објекти нема да се уриваат и ќе продолжат да се користат за други намени, како Клиниката за радиологија, која е планирано да биде административна зграда.

 

###

 

 

Новиот централен клинички блок ќе се простира на 61.500 метри квадратни и ќе биде оформен од два објекта – главен објект и лаборатории. Во главниот објект во подрумот ќе бидат сместени Клиничката аптека и Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, магацините на трансфузиологија, фрижидери за крв и депото за матични клетки. Исто така ќе се изведе подземна сообраќајница која ќе биде поврзана со постојната во подрумот на Хируршките клиники и ќе служи за сообраќај на возила за снабдување на клиниките и за одвоз на отпад. На приземјето ќе биде главниот влез со прием на амбулантни и хоспитални болни, амбулантен дел на Клиниката за неврологија, комплетен дијагностички дел (Клиника за радиологија) и Ургентен центар, како и централен дел за земање на примероци, кој по систем на пневматски туби ќе биде селектиран и транспортиран до соодветната лабораторија за анализа.

 

На првиот кат се предвидени амбулантите на останатите клиники, дневна болница, дневна хирургија, ендоскопскит оддел и четири нови операциони сали за трансплантација и кардиохирургија, кои ќе бидат во широка врска со оперативниот блок кој исто така се наоѓа на првиот кат во објектот на Хируршките клиники. На првиот кат (односно приземје од задната страна, заради падот на теренот) ќе биде сместена и мртовечницата, со посебен влез. На вториот кат ќе бидат лоцирани лабораториите на клиничка биохемија и Институтот за микробиологија и паразитологија со амбулантата за ТБЦ, а Институтот за патологија и хистопатологија ќе биде сместен на третиот кат. На погорните катови ќе бидат лоцирани хоспиталните оддели на посебните клиники, додека на најгорниот осми кат е предвиден хелиодром кој со лифт директно ќе биде поврзан со ургентниот центар и оперативниот блок.

 

##

 

 

Новиот клинички блок ќе има 30-тина болнички лифтови, два ескалатори во приемниот дел и над 10 сервисни лифтови, кои ќе служат за пренос на храна, облека и слично. Зградата ќе има вентилирана фасада, со дупла обвивка од два различни материјали, на начин кој ќе ги емитира фасадите со порапави текстури и материјали (обвивка во керамика), наспроти транспарентните материјали (обвивка во стакло). Овој градежен систем на слоеви создава природна вентилација и обезбедува придобивки во отстранување на топлината и влагата.

 

Покрај изградбата на новиот објект, предвидено е и реновирање на објектот на Хируршките клиники со адаптирање на хоспиталниот дел со болнички соби со сопствени санитарни јазли и адаптирање на испразнетите простори кои ќе останат после преселувањето на дел од клиниките, како и ослободениот кабинетски простор. Исто така, во рамки на заокружување на комплексот Клиники „Мајка Тереза“ со овој проект се оформува Детски центар, односно интегрирање на сите клиники во служба на децата на едно место.

 

Од сообраќаен аспект планирано е во Клиничкиот центар да се оневозможи движењето на возила, што ќе се постигне со изградба на две катни гаражи – едната на булеварот „Мајка Тереза“ и другата спроти Клиниката за инфективни болести од каде посетителите и персоналот ќе можат да продолжат кон планираната дестинација исклучиво пешки, преку покриени пешачки патеки. Двете катни гаражи ќе имаат по 1.250 паркинг места. Во комплексот ќе можат да влегуваат исклучиво возила за итна медицинска помош, противпожарни возила и оние приватни или такси возила кои превезуваат животно загрозени пациенти кон ургентниот центар и транспортирани пациенти кон клиниките. Останатите возила, како оние за снабдување, одвоз на отпад и слично, ќе можат да влегуваат во комплексот по исклучиво утврден протокол.

 

Целиот проект, заедно со реконструкцијата на постојната зграда на Хируршките клиники ќе чини околу 70 милиони евра, а парите ќе бидат обезбедени преку кредит од Банката на Советот на Европа, за што веќе е формирана проектна единица. Замислата за дислокација на Клиничкиот центар во сосема нов комплекс кај Бардовци, која исто така се најавуваше дека ќе се оствари до 2017-2018 година, сепак ќе чека подобри времиња.

 

 

» Форумска дискусија за Клиничкиот центар во Скопје