Ќе се менуваат старите куќни водомери на територијата на скопската општина Карпош. Советниците денеска ја усвоија одлуката за добивање на финансиски средства за вградување на нови ултразвучни водомери и за нивна интеграција во постојниот систем за далечинско отчитување на Ј.П. „Водовод и канализација“. Добиените финансиски средства од околу 200.000 евра се од грантот на Европската банка за обнова и развој, којшто се реализира преку Министерството за транспорт и врски. Со реализацијата на овој проект ќе се заменат водомерите на околу 500 домаќинства во општина Карпош.
Советот на општина Карпош на денешната седница донесе одлука за спроведување на дополнителен јавен повик за доделување субвенции за набавка на нови велосипеди. По исцрпувањето на планираните средства во висина од 300.000 денари, граѓаните од оваа скопска општина ќе можат да аплицираат за дополнителните 360.000 денари. Вториот јавен повик за поврат на дел од вложените средства во набавка на велосипеди ќе биде објавен деновиве и ќе биде достапен на веб – страницата на Општина Карпош.