Претходна статија
Се намалуваат трошоците за изградба на индивидуални домови
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Празничните денови донесоа нови споменици во Скопје

Нови три милиони евра за ентериерно уредување на седиштето на владата

Објавено на 06.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Покрај неокласичната фасада и доградба на надворешноста на некогашната „Це – Ка“, во наредните месеци ќе се менува и постоечката внатрешност на седиштето на македонската влада. Службата за општи и заеднички работи на Владата на Р.М. денеска го распиша тендерот за избор на компанија што ќе ги изведува градежните и градежно – занаетчиските работи за ентериерно уредување и адаптација на шестата кула од објектот во кој е сместена на македонската влада. Проценетата вредност на овој градителски потфат изнесува 182.415.254 денари или речиси три милиони евра, без вклучен ДДВ. Предвидено е целокупниот договор да се реализира во временски период од четири месеци. Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди најдоцна до 30 септември, за кога е планирано и јавно да се отворат пристигнатите понуди.

 

 

 

 

За промената на надворешниот изглед на седиштето на македонската влада досега се потрошија речиси 12 милиони евра, и тоа без вкалкулираната сума од денеска распишаниот тендер. Проектот започна да се спроведува кон крајот на април минатата година, врз основа на изработениот основен проект од страна на бирото „Архитектоника“ од Скопје. Автори на победничкото идејно решение се архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, додека Петар Муличковски, како автор на оригиналниот архитектонски труд за оваа зграда, не даде согласност за промена на нејзината фасада.