Државниот универзитет во Тетово и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците од Скопје ќе се вселат во нови објекти што ќе се градат на просторот на поранешната скопска касарна „Илинден“. „Деталниот урбанистички план е при крај и се очекува да биде усвоен за 30 дена во општините Чаир и Карпош, затоа што парцелите се во двете општини. Кога ќе се усвојат, Министерството за образование и наука ќе подготви проекти за објектите и оваа година се очекува и да почне изградбата“, вели министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми.
Пред повеќе од една година, дел од македонските медиуми шпекулираа дека македонската влада е подготвена на Државниот универзитет во Тетово да му подари градежно земјиште од 25.000 метри квадратни што се наоѓа во кругот на касарната. Покрај за оваа намена, на просторот со вкупна површина од 95 хектари е предвидено да се градат 1.400 станбени единици за припадниците на македонската армија. За разлика од новонајавените објекти, проектот за нови војнички станови се ветува од Министерството за одбрана со години наназад, но до денешен ден ништо од тоа не е реализирано.