Граѓаните добиваат подобри можности за подигање кредити за изградба на куќа или пак за купување на стан преку најновите мерки на македонската влада и на компанијата „Адора Инженеринг“. Владата одлучи да ги измени условите за субвенционирање кредити за куќи од проектот „Купи куќа, купи стан“. Министерот за финансии Зоран Ставрески денеска ги објави новите поволности, според кои досегашното субвенционирање на 50 отсто од кредитот за купување на куќа се зголемува на 75 отсто од ратата и од учеството за кредитот. „За максимален кредит од 50.000 евра, вкупната субвенција на владата изнесуваше 15.000 евра, а ратите за кредитот изнесуваа 330 евра во првите три години и 345 евра во четвртата и петтата година. Со измените на законот се зголемува учеството на владата во ратите од 50 на 75 отсто. Така сега во ратата од 330 евра, владата ќе учествува со 247 евра, а граѓанинот со 83 евра“, изјави министерот Ставрески.
Промени се извршени и во вториот модел за субвенционирање на изградбата на куќи. Досегашното владино учество од 6.250 евра, кај подигањето на кредит од 50.000 евра, се зголемува на 9.375 евра, при што на граѓанинот останува обврската да обезбеди помали финансиски средства во износ од 3.125 евра. Ова значи дека учеството на владата во кредитот е зголемено на 75 отсто. Најновите измени на законот им овозможуваат на оние кои во сопственост имаат помала куќа, истата да ја срушат и на таа локација да изградат нова. Доколку граѓаните се одлучат предвреме да го вратат кредитот, тогаш тие немаат обврска да го враќаат субвенционираниот дел од страна на владата. Најновите измени за купување на куќа или пак за изградба на нова се со цел да се амортизираат поголемите трошоци за земјиштето и да се овозможат еднакви услови за сите граѓани, без разлика на тоа дали тие се заинтересирани за изградба на куќа или пак купување стан.
Владините предлози за измени на законот ќе стапат во сила по нивното изгласување од страна на македонското собрание. Во меѓувреме, течат роковите за поднесување апликации за кредит до комерцијалните банки. Најдоцна до 31 мај 2013 година граѓаните може да испратат барање за субвенциониран станбен кредит и да изберат еден од двата модели – субвенционирање на половина од месечната рата за првите пет години од отплатата на кредитот или пак плаќање на 50 отсто од учеството за купување стан или пак изградба на куќа.
Нови кредитни поволности се најавени и од страна на градежната компанија „Адора Инженеринг“, која во соработка со Стопанска банка од Скопје на заинтересираните лица им овозможува подигање на кредит, со фиксна каматна стапка од 3,2% во првите три години, за стекнување на правото на сопственост врз некој од становите што компанијата ги гради во земјава. Оваа опција можат да ја искористат сите граѓани кои платата ја примаат преку оваа банка.