Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ќе помогне во обновата и изградбата на градски плоштади и шеталишта во Ресен, Крушево, Демир Хисар и во населените места Коњари и Кривогаштани. Битолската градежна фирма „Стентон градба“ е избрана за изведувач на градежните работи што ќе се одвиваат на почетокот од годинава. Со проектот е предвидено Ресен да добие плоштад со шеталиште и зелена површина, во Демир Хисар да се реконструира постојното шеталиште, додека во Крушево ќе се обнови и уреди градскиот парк и плоштад.
Покрај зафатите во градските средини, во наредните 75 дена е зацртано да се реализира партерното уредување на плоштадот околу општинската зграда во Кривогаштани и да се реконструираат плоштадот, пешачките, рекреативните и зелените површини во населеното место Коњари. За претстојните градежни активности во сите овие општини од југозападна Македонија се предвидени средства во висина од 21.481.782 денари, односно околу 350 илјади евра.