Претходна статија
Вевчанската фирма „ВИА“ ќе го реконструира домот „Гоце Делчев“
Следна статија
И во Штип се воведе наплата на паркирањето

Нови одморалишта ќе никнат во скијачкиот центар Пониква

Објавено на 02.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Локалната самоуправа од Пробиштип денеска успеа да ги продаде сите пет градежни парцели наменети за подобрување на постоечките туристички содржини во склоп на зимско – рекреативниот центар Пониква. На одржаната електронска лицитација се продадоа четири локации за подигање на одморалишта со угостителски простории и објект за мали комерцијални и деловни намени по цена од 71 до 385 денари за метар квадратен. Општина Пробиштип од денешното електронско јавно наддавање ќе се стекне со приходи во висина од 257.581 денари.

 

 

Вкупната површина на продаденото земјиште изнесува 2.171 метри квадратни, додека големината на самите парцели се движи од 287 до 653 метри квадратни. Имињата на идните сопственици на локациите за градење ќе се соопштат по уплатата на финансиските средства и потпишувањето на купопродажните договори. На државното неизградено земјиште во иднина ќе треба да се подигнат објекти со високо приземје, за кои е неопходно Општина Пробиштип да издаде одобрение за градење во рок од девет месеци по потпишувањето на договорите.

 

 

Скијачкиот центар Пониква е еден од најпросперитетните локалитети за развој на зимскиот туризам на територијата на Македонија. Државната компанија МЕПСО лани инвестираше околу еден милион евра во изведба на сноуборд – парк во рамките на овој зимско – рекреативен центар, при што веќе се инсталирани четири топови и неопходната инфраструктура за создавање на вештачки снег и набавени се ратрак и санка за одржување на скијачките патеки.