Расте бројот на мали хидроелектрани и на соларни електрани за производство на електрична енергија во нашата земја. Според ажурираниот Регистар на производители на Агенцијата за енергетика од почетокот на март годинава, во Република Македонија се отворени вкупно 137 енергетски објекти што ги искористуваат обновливите извори на енергија, со вкупна инсталирана моќност од 87,58 мегавати и планирано годишно производство од 258.330 мегават часови електрична енергија. Во списокот се вметнати 95 фотоволтаични електрани, 40 мали хидроелектрани, 1 ветерница и 1 биогасна електрана.
Во споредба со крајот на декември минатата година, во Регистарот на електроцентрали се впишани нови 5 мали хидроелектрани и 3 соларни централи. Вкупната инсталирана моќност на енергетските објекти што го ползуваат сонцето изнесува 15,89 MW, додека кај малите хидроелектрани бројката е заокружена на 33,89 MW. Капацитетите што ја користат водата како обновлив извор на енергија во иднина ќе произведуваат и најмногу електрична енергија. Нивното планирано годишно производство изнесува 129.923 мегават часови електрична енергија.
За прв пат во историјата на Република Македонија, во Регистарот на електроцентрали е впишана и биогасна електрана, чија вкупна инсталирана моќност е 0,997 MW. Изминатата година беше рекордна според бројот на новоотворени енергетски објекти што продуцираат електрична енергија користејќи ги обновливите извори на енергија.
Бојан Блажевски